КИЧЕВО

Од година на година се поместува старосната граница кај населението во Кичево, а причина за тоа е иселувањето на младите, кои во најпродуктивниот период од животот – од 20 до 40 години, заминуваат во странство или, поретко, во главниот град. Ако прошетате низ градот, најпрво ќе забележите доминантно повозрасни луѓе, на возраст од 60 до 80 години. Токму тоа е причина што сѐ помалку граѓани се способни сами да си ги средат дрвата за огрев и затоа претежно се потпираат на цепачите на дрва, кои исто така се сѐ помалобројни. Но и тие што се останати, премногу се ангажирани и, како што велат самите, не можат да одговорат на сите барања за толку кратко време.
– Покрај другите работи што ги вршам, јас долги години се занимавам и со цепење дрва. Секоја година забележувам како сѐ повеќе граѓани бараат да им ги средиме дрвата за огрев, а причина е нивната поодмината возраст, која ги оневозможува сами да си ја завршат работата.

Повеќето од тие луѓе се пензионери или лица што живеат сами и единствена можност да ја дочекаат зимата во топли простории е со наш ангажман да ги средат дрвата за огрев. Не сум зачуден од сѐ поголемиот број граѓани што сакаат да нѐ ангажираат, бидејќи во градот сѐ помалобројни се граѓаните што сакаат да се занимаваат со оваа тешка работа, а и помладите сѐ помалку ги има во градот – вели Мухарем С., кој работи неколку физички работи за да обезбеди средства за живот за своето семејство, бидејќи нема постојана работа.
Боро Стојановски, кој исто така цепи дрва за да се прехрани, вели дека луѓето се среќни кога ќе го видат со секирата на рамо.
– Често знаат да кажат дека ние сме единствената нивна надеж, бидејќи на повеќето од нив децата им живеат и работат во странство или се пак во главниот град. Како одминуваат годините, така сме повеќе барани, иако и нам ни е сѐ потешко да одговориме на сите обврски, бидејќи цепењето дрва е тешка физичка работа и прашање на време е до кога ќе можеме да работиме со овој интензитет – вели Стојаноски, кој се надева дека наскоро и тој ќе обезбеди постојана егзистенција и ќе нема потреба да се изложува на поголем физички напор.
Граѓаните велат дека се задоволни од можноста да ангажираат работници за цепење дрва, бидејќи нивното време за физичка работа одамна е поминато.

-Добро е кога ги има, затоа што без нив не сме во можност да ги средиме дрвата. Како што ние старееме и ја губиме силата, така и потребата од овие луѓе е поголема – вели Томе Петкоски, постар жител на градот.
Порано бројот на луѓе што работеле физичка работа беше поголем, па ако ви требаше човек за работа, ќе прошетате до т.н. аргатница и за час ќе ви се понудат поголем број невработени лица, претежно млади луѓе. Денес на оваа локација слободни работници речиси нема, бидејќи поголем број помлади граѓани ја напуштија земјава и заминаа за Германија и други западноевропски земји, а градот останува без капацитетот на младите и физички здрави луѓе. Иако зимата е на прагот, сепак на многу локации може да се забележат лица што им цепат дрва на граѓани што во последен час обезбедиле енергент за затоплување на домовите, што поранешните децении не беше случај.