Фото: Зоран Антоски

Судбината на младите од Кичево при два базени да останат на суво ги следеше и ова лето и единствено од високите температури можеа да се капат во сопствената пот.

Повеќе никој не верува дека во догледно време во град со близу 40 000 жители, дека ќе проработи барем еден базен. Засега оптимизмот на се помалубројните млади во Кичево не е без основа, бидејќи базенот кај Стара Централа што е во приватна сопственост, поради немање на финансиски средства тешко дека ќе проработи во догледно време, додека базенот во поранешниот Дом на ЈНА сопственост на Министерството за образование е надвор од фокусот на ресорното министерство. Изградба на нов базен засега е тешко остварлив проект, бидејќи краткиот период на негово користење го прави прескап за можните инвеститори.

Општината во неколку наврати побара да и биде отстапен базенот кај поранешниот Дом на АРМ, но засега желбата на локалната самоуправа е далеку од реализација, иако неколкупати актуелниот градоначалник напомна дека во моментов е најисплатливо да се реновира овој базен и со дополнителни содржини да им биде ставен на располагање на младите од градот. Младите од Кичево се бескрајно разочарани што со децении базените не работат и затоа приморани се да скокнат до Македонски Брод или до Охрид, за што им е потребен автомобил и дополнителни парични средства.

-Надежите дека и во нашиот град во летните месеци ќе можеме да се разладуваме на градскиот базен засега се далеку од реалноста. Ниту градот ниту бизнис заедницата засега не се заинтересирани да ги променат состојбите. Дури и едно многу помало гратче како Македонски Брод има  сопствен базен, каде младите поминуваат добар дел од времето, а ние со децении се мислиме дали да појдеме до Охрид или соседниот Македонски Брод. Очигледно летаргијата во нашиот град е изразена во сите полиња, а тука не е исклучок и немањето на градски базен-истакнаа неколкумина млади од градот со кои во една прилика нашироко поразговаравме на оваа тема.

Инаку базенот во пранешниот Дом на ЈНА е зарастен во трева и претворен во депонија на детски реквизити од некое игралиште на младите. За негово враќање во нормала потребна е поголема сума на пари.

З.А.