Денес во посета на полициското одделние во село Зајаз беа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик министерот Агим Нухију. Тие остварија средба со вработените каде што добија информации за функционирањето на ова одделение, а ја посетија и новата базна станица за издавање на лични карти и патни исправи.

– Денес ми е чест и задоволство што можевме да бидеме во посета на полициското одделение овде во Зајаз. Денеска имавме повод да го посетиме ова одделение, бидејќи ја завршивме реконструкцијата на објектите на полициското одделение и нашето мото е подобри услови за вработените, подобри резултати. Задоволство ми е да реконструираме повеќе објекти и воедно да овозможиме една од базните станици за изготвување на пасоши и лични карти биде преместена токму овде во Зајаз, за да можат граѓаните на ова подрачје да имаат полесен пристап до потребите што ги имаат за издавање на лични карти, пасоши и возачки дозволи – истакна Спасовски. 

Министерот потсети дека моментно се реконструираат и други објекти на ниво на МВР.

– Овој објект е реконструиран со средства од Министерството за внатрешни работи. Ние ваквите реконструкции ги продолжуваме и понатаму, за многу кратко време ќе заврши реконструкцијата и на полициските станици во Битола, Велес и Кичево и дел од објектите што се наоѓаат во центарот за обука во Скопје – кажа Спасовски.

Што се однесува до безбедносната ситуација во земјава тој рече, дека безбедносната состојба на ниво на полициска станица Кичево и на СВР Охрид е поволна и стабилна и имаме намалување на криминалитетот на ниво на СВР Охрид за 4 проценти во споредба со минатата година, и исто така има намалување на криминалитетот за 30 проценти и на ниво на полициска станица. Спасовски најави нова дисперзија на базни станици во оние региони каде што за тоа има потреба. З.А.