Градежна механизација е присутна на улицата Партизанска и на неколку други сообраќајници

Битола

Во моментот кога поради пандемијата на коронавирусот буквално замре животот во Битола, во градот под Пелистер оживеа градежната оператива, која во последно време по „принудниот одмор“ мошне интензивно работи на реконструкција и асфалтирање на неколку главни сообраќајници во градот. Битолчани одамна не паметат таква интензивна градежна офанзива за изградба и реконструкција на улиците во градот. Додека многумина сметаат дека ваквата градежна офанзива е пред сѐ резултат на претстојните предвремени парламентарни избори, од локалната самоуправа во Битола уверуваат дека реконструкцијата, која моментално забрзано се изведува на неколку главни сообраќајници во градот, е реализација на програмата што е усвоена од Советот на Општината и за неа се обезбедени буџетски пари. Според некои пресметки, за реконструкција на улиците во Битола, на кои моментално се работи, локалната самоуправа на градот под Пелистер и Министерството за транспорт и врски ќе издвојат околу три милиони евра.

Меѓу многубројните инфраструктурни зафати, кои Општина Битола ги прави во последно време, деновиве почнаа градежните работи за целосна реконструкција на улицата Партизанска. Станува збор за улица во должина од 730 метри, која од кај кружниот тек, кај супермаркетот „Веро“ ќе се поврзе со крстосницата на улицата Методија Андонов-Ченто, кај Нова Битола. Вкупната инвестиција за реконструкција на Партизанска изнесува 581.000 евра, средства што се обезбедени од Министерството за транспорт и врски. Покрај овие пари, Општина Битола за оваа реконструкција издвои и сопствени во износ од 350.000 евра, кои ќе бидат искористени за изградба на канализациската и водоводна мрежа. Паралелно со реконструкцијата на Партизанска интензивно се работи и на комплетна реконструкција на улицата Илинденска. Вкупната инвестиција на реконструкцијата на Илинденска изнесува околу еден милион евра, од кои 530.000 евра се општински средства.

Илинденска, која претставува една од сообраќајните крвотоци во градот, комплетно се реновира со средства и од централната и од локалната власт. Оваа сообраќајница, која се протега од Црн мост па до излезот на Битола, кај Еврејските гробишта, е во должина од 2.131 метар. На оваа улица со мошне големи зафати се ангажирани двете битолски комунални претпријатија, ЈКП „Водовод“, кое ги изведува водоводните приклучоци во висина од 3,6 милиони денари и КЈП „Нискоградба“, кое е ангажирано на целосна реконструкција на канализациската мрежа и поставување нови приклучоци. За тој зафат ќе бидат потрошени 6,9 милиони денари. Преостанатите средства од 22 милиони денари ќе бидат наменети за асфалтирање на коловозот.
Деновиве во Битола интензивно се работи и на реконструкција на улицата Бранко Радичевиќ. Реконструкцијата на оваа улица опфаќа поставување нова мешана канализациска мрежа, а екипите на ЈКП „Водовод“ ја менуваат главната водоводна цевка и поставуваат соодветни приклучоци. Последната фаза од комплетната реконструкција на улицата Бранко Радичевиќ опфаќа асфалтирање и партерно уредување на улицата. Вкупната сума, која Општина Битола ја издвои за комплетната реконструкција на улицата Бранко Радичевиќ, изнесува над 4.600.000 денари или околу 75 илјади евра.

Паралелно со реконстрyкцијата и асфалтирањето на улиците во Битола мошне интензивно се работи и на приградските улици. Така, градежната оператива деновиве интензивно работи на изградба на две улици (9-та и 17-та) во Долно Оризари, во должина од 335 метра. По многу години очекување овие две улици конечно ќе добијат асфалт. Во Долно Оризари, Општина Битола инвестира околу 6,5 милиони денари во изградба и асфалтирање на улиците, и по многу години конечно го реши проблемот жителите од ова битолско село да не газат повеќе по кал.

Тоа што особено ги радува битолчани е што со тие зафати се менуваат и азбестните водоводни цевки, кои се штетни по здравјето на граѓаните. Според процената на стручните служби на ЈКП „Водовод“, во Битола имаше околу 25 километри азбестна водоводна мрежа. Сега таа, според нивните сознанија, изнесува околу 11 километри, и се менува по секоја интервенција на водоводната мрежа. Од „Водовод“ нагласуваат дека со реконструкцијата на улиците, а особено по интервенцијата на улицата Стив Наумов, ќе се сменат дури неколку километри азбестни цевки.