По неколку неуспешни обиди да се отвори локален печатен медиум во Битола, на иницијатива на првиот главен уредник на „Битолски весник“, Владо Ласковски, кој во тоа време работел во „Студентски збор“ и новинарите Доне Пановски, Ристо Невеновски, Димитар Димитровски – Такец, Голуб Чакулевски, Спиро Мачески, фоторепортерот Кире Георгиевски, а со целосна поддршка на секретарот на општинската конференција на ССРН на Битола, Иван Гиновски, во пресрет на празникот на трудот 1 Мај, на 29 април 1964 година, била донесена одлука да се издава „Битолски весник“.

Весникот беше замислен да се издава како двонеделник, но набрзо тој станува неделен весник и од тогаш, секоја среда и ден-денес, непрекинато 55 години, Весникот се печати, чита и прераскажува, вели во интервју за МИА, Менде Младеновски, директор, главен и одговорен уредник на „Битолски весник“.

Како од денешен аспект би го расветлиле развојниот пат на „Битолски весник“?

На почетокот од издавањето на првиот број, Битолски весник се до паѓањето на т.н „социјализам” во 1990 година, речиси немал никакви проблеми, особено не, финансиски. Тој беше целосно финансиран од страна на Општинската конференција на Социјалистичкиот сојуз на Битола, која беше најзаслужна за неговото издавање. Во овој период бевме околу 20 вработени, имавме финансии и од Општината, а подоцна, по укинувањето на Самоуправните интересни заедници, Весникот беше препуштен на самофинасирање. Јас, кој цели 39 години сум во Битолски весник, од новинар почетник па се до директор главен и одговорен уредник и сопственик, во 1990 година бев првиот директор на Битолски весник, избран на конкурс со тајно гласање и понудена програма. Тогаш вработените во Битолски весник ја донесоа според мене клучната одлука сами да се грижат за својата судбина и што беше невообичаено за тоа време, се спротивставија на Општинското раководство, да ни именуваат директори и главни одговорни уредници. Таа година, Битолски весник не само што се избори сам да се грижи за својата судбина, туку се избори и за својата слобода. Тоа беше клучна одлука не само за развојот, туку и за опстанокот на Битолски весник. Вториот клучен момент беше кога заради заштеди извршивме промена на печатницата што го печатеше весникот и третата клучна одлука што придонесе за опстојувањето на Битолски весник беше кога одлучивме да се приватизираме по принципот „работничко акционерство” со ист процент на удели за секој вработен.

Дали може да се посочи на „златен период“ на „Битолски весник“?

Искрен да бидам, не паметам дека Битолски весник имал „златен период”, освен ако за „златен период” не се мисли времето кога тој беше под „капата“ на Општината и кога сите трошоци за неговото излегување ги покриваше општина Битола. Напротив од неговото формирање па се до сега, тој буквално, водел борба за опстанок. Сепак во оваа прилика сакам да нагласам дека Битолски весник имаше и период кога се печатеше во тираж од 12.000 примероци и кога во странство, посебно во САД, Австралија, Европа имаше околу 400 претплатници. За „златен период” може да се каже дека беше времето кога покрај печатењето на Весникот организиравме разни наградни игри, кога организиравме „Летни убавици” и разни други манифестации, што ги посетуваа битолчани, и од кои „Изборот на најуспешни битолчани“ стана вистински бренд на градот, традиција, која годинава ја организиравме по 20 пат.

Што се случува денес со печатената медиумска индустрија?

Во моментот не може да стане збор за медиумска индустрија. Медиумите во Македонија, а посебно печатените медиуми се среќаваа(т) со огромни тешкотии, пред се од финансиска природа. До 2003 година печатените медиуми, како на државно, така и на локално ниво, кои во тоа време излегуваа, добиваа субвенции од Агенцијата за информации. Иако и тие субвенции беа недоволни, сепак во тоа време таквото субвенционирање придонесе најголемиот број од печатените медиуми да опстанат. Но кога во 2003 година, беа укинати субвенциите, веднаш престанаа да излегуваат најголем број печатени медуми, а локалните целосно згаснаа. Само за илустрација ќе наведам дека поради недостиг на средства веќе не излегуваат локалните весници со долгогодишна традиција: „Народен глас” од Прилеп, „Наш весник“-Куманово, „Полог“-Тетово, „Вардарски глас”-Велес, „Преспански весник“- Ресен, „Езерски глас”-Охрид, „Штипски весник“, „Актуелности“-Кочани… Острите пазарни услови на стопанисување, особено во печатениот медиумски простор во изминатите години не го преживеаја и неделнците „Млад Борец”, „Студенстки збор”, „Дело”, „Старт”, „Зум”, „Денес, „Национал”, „Пулс”, „Екран”, „Остен”, „Скок”, „Република”… Овој период не го преживеаја ни весниците: Македонија денес, Време, Неделно време, Сега, Шпиц, пред неколку години престанаа да излегуваат Дневник, Утрински весник, Вест. Битолски весник за среќа успеа да ја преживее таа криза и да опстане цели 55 години. Многумина ме прашуваат кој е рецептот за таквиот успех. Нема тука некој посебен рецепт. Пред се тука е огромната љубов кон Весникот, големиот ентузијазам, не само кај мене, туку и кај најголемиот број новинари и вработените од претходните генерации, традицијата, помошта од страна на некои наши децениски спонзори. Но најважно за опстанокот на Битолски весник е тоа што ние секогаш бевме пред времето и ги предвидуваме сите премрежја што не очекуваа, и тоа што секогаш носевме вистински одлуки во вистинско време. Тука морам да ја нагласам и љубовта на битолчани кон весникот, кои секоја среда сакаат да го имаат Битолски весник во својот дом. За да го опстоиме Битолски весник, имаше периоди кога сопствениот стан го ставав под хипотека и подигнував кредит за да платиме во печатница, или да излеземе од финансиската криза.

Што значи државното субвенционирање?

Денес печатените медиуми се соочуваат со огромни тешкотии. Поради дигитализацијата, интернетот и социјалните мрежи, паднати се тиражите на сите весници. Но тиражите се паднати и поради тоа што граѓаните на Македонија не се некои големи читатели и кои имаат навика да купуваат весници, туку навикнале тие да ги добиваат бесплатно или друг да им ги плаќа. Знаејќи ги таквите нивни навики, ние уште од 1990 година се одлучивме најголемиот тираж да го пласираме во фирмите кои за своите вработени купуваат по одреден број прмероци и се претплатени на Весникот. Таквиот потег се покажа како вистински погодок. Јас, кој целиот свој живот сум го поминал во печатените медиуми сметам дека без поддршка на државата, без светла перспектива се и овие неколку весници што сега излегуваат. Затоа субвенционирањето на печатените медиуми е преку потребно, а за тоа не се потребни кој знае колкави пари. Само за илустрација ќе кажам дека до 2003 година за сите печатени медиум што тогаш излегуваа државата издвојуваше вкупно 56 милиони денари, или нецел еден милион евра. Патем, годините наназад бевме сведоци каде во одредени електронски медиуми се истураа по десетици милиони евра.

Каква е иднината на „Битолски весник“?

Иако ова што ќе го кажам, го кажувам со тешко срце, но, сметам дека судбината на Битолски весник е (не)извесна. Ова го велам затоа што веќе никој не сака да работи во медиумите, особено во печатените. Ние веќе три години бараме човек кој би застанал на чело на Весникот, но за жал никој не се пријавува. Мојата ќерка која 13 години работи во Весникот искрено ми вели дека нема намера како јас и таа да се жртвува целосно, за да го опстои Весникот и да оди по патот по кој јас одам цели 40 години. Грижата за медиумите не треба да биде само наша, на сопствениците, туку и на државата, на градот. Тие постојат не да пишуваат за себе, туку за случувањата во градот.

Битолски весник е колективна меморија на Битола, сведок и хроничар на градот. Но за да опстани му треба поголема поддршка, како од читателите, така и од фирмите, кои треба да имаат далеку поголема општествена одговорност. Не може во држава, каде главно имаме партизиран бизнис и каде државата или општините се најголеми работодавачи и каде најголемите тајкуни, или успешни приватни компании, не сакаат да се рекламираат, да имаме комерцијално и пазарно работење на медиумите.

Вакви, како што се сега работите мислам дека, не само за Битолски весник, туку и за најголемиот број медиуми, печатени или електронски, судбината е крајно неизвесна, а патот води низ Сцили и Харибди, посочи Менде Младеновски.