Фото: Васка М. Младеновска

Со низа свечености денеска на Француските гробишта во Битола беше отворен Меморијалниот комплекс за жртвите од Првата светска војна, кои ги загубија животите на Македонскиот фронт во 1918 година, кога според некои податоци загинаа над 16.000 француски војници.

На свеченоста, на која присуствуваа голем број дипломати, конзули, воени аташеа, Женевиев Дариесек државен секретар во Министерството за вооружени сили на Франција и Радмила Шекеринска заменик на претседателот на Владата и министерка за одбрана, сите говорници потсетија на страдањата, не само на војниците на голем број земји на Антантата, учесници во решавачките битки на Македонскиот фронт, туку и загубените македонски војници, како и илјадници цивили, главно битолчани.

Фото: Васка М. Младеновска

Откако нагласи дека Франција и Република Македонија се пријателски земји и меѓусебно се почитуваат, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние од Француските гробишта во Битола испрати пораки и за мир и простување.

– Денес кога се сеќаваме на сите француски војници кои ги загубија животите пред 100 години на фронтот во Битола, испраќаме пораки за мир и ветување дека нема никогаш да ги заборавиме заедничките страдања, не само на францускиот, туку и македонскиот народ, кои се случиле во минатото на овие простори, истакна францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

-На овој фронт се бореле околу 300 илјади француски војници. Речиси 16.000 војници го имаат последниот ден тука, од кои 10.000 војници се без име. Отворањето на овој комплекс има голема симболика, а преку портретите на војниците, познати и непознати, сите браќа во победа, како и во несреќа се дел од француската историја која ја одбележуваме, истакна државниот секретар во Министерството за одбрана на Франција, Женевиев Дариесек.

Фото: Васка М. Младеновска

Обраќајки им се на присутните министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска истакна:

– Првата светска војна е неодминлива тема во Република Македонија. Морис, Луи, Жан, Мухамед, Петко, Стојан, Трајанка, Исмет, Жаклин… и милиони други знајни и незјанни загинати мажи, жени, деца заслужуваат достоен спомен. Драго ми е што почнувајки од 2014 година заеднички ја одбелжуваме стогодишнината од настаните на Македонскиот фронт. И тогаш и сега Република Македонија и Франција се на иста страна, на страната на правадата, еднаквоста, слободата, човештвото, рече Радмила Шекеринска и додаде:

-На територијата на Република Македонија, денес покрај илјадниците воени гробови се наоѓаат и бројни материјални остатоци од фронтовскте линии, воени објекти. Тие се потсетници дека пред еден век тука војувале над еден милион војници од сите нации и вери, а Битола бил меѓу најбомбардираните и најразурнатите градови во Европа со бројни цивилни жртви.

За своите страдања и херојство во војната, Битола, а со тоа и граѓаните на Битола, во 1923 година се стекнаа со военото одликување на Франција “Воен крст со плама”. Во редовите на сојузничките армии на Антантата во Македонија под француска команда војувале и голем број македонци што сведочат бројни фотографии од воените архиви и семејни албуми, напишани мемоари и пренесени сеќавања за заедничките борби, за споделување на доброто и на злото во военото секојдневие но и за заедничкиот придонес на војниците од Македонија и Франција за завршувањето на Првата светска војна.

Денес кога со отворањето на Меморијалот во Битола го збогатуваме материјалното и духовното културно наследство на Република Македонија за Првата светска војна, симбол на заеднички страдања, но и на зближување, пријателство и соработка помеѓу народите на двете држави, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска.