Манастирот „Свети Ѓорѓија Победоносец“, попознат меѓу народот како Кнежински манастир, денес го одбележува својот патрон „Ѓурѓовден“. По тој повод манастирот ќе го посетат голем број на верници како од Кичево така и од Битола, Охрид, Прилеп, Гостивар и други градови.

Традиционално за верниците кои ќе го посетат манастирот, ќе биде организиран и манастирски ручек или таканаречена „Трпеза на љубовта“.


-Одбележувањето на патронот на манастирот ќе започне во 07.30 часот со утрена богослужба, а еден час подоцна ќе биде отслужена Света архиерејска литургија, со која ќе чиноначалствува свештеник од Кичевското архиерејско намесништво. За време на архиерејската литургија во манастирот ќе бидат присутни голем број на верници од регионот, кои во се поголем број го посетуваат ова духовно светилиште. Во текот на денот за верниците кои ќе го постетат манастирот, кумот организира манастирски ручек или таканаречена „Трпеза на љубовта“- вели отец, Александар Матески.

На овој празник традиционално се примопредава кумството од стариот на новиот кум, досегашниот кум Ивица Мисајлески, кумството на манастирот ќе го предаде на новиот кум, Орце Богданоски.

-Јас како голем верник во изминатите 12 месеци доброволно му служев на манастирот, за цело време се грижев во организацијата на сите верски свечености, го снабдував со дрва за затоплување и бев десна рака на монахињата, сестра Софија, за сите работи во и околу манастирот да бидат навремено завршени, а денес за верниците присутни на одбележувањето, ќе организирам и „Трпеза на љубовта“ или манастирски ручек- вели Ивица Мисајлески, досегашниот кум на манастирот.

Зоран Антоски