Фото: Зоран Антоски

Манастирот „Свети Ѓорѓија – Победоносец“ во село Кнежино, утре го слави својот патрон чие име го носи. По тој повод во манастирската црква според сите протоколи за заштита од ковид-19, уште вечерва ќе биде отслужена вечерна богослужба, додека утре во 8 часот наутро ќе се отслужи Света Божествена Литургија, со која ќе чиноначалствува отец Кирил, монах во манастирот „Света Пречиста Богородица“.

– Манастирот „Свети Ѓорѓија – Победоносец“ во село Кнeжино, утре го слави својот патрон. Одбележувањето на утрешниот празник ќе започне уште денес со вечерната богослужба, што ќе ја отслужи отец Александар од кичевското архиерејско намесништво. Утре во 8 часот наутро ќе биде отслужена Света Божествена Литургија, со која ќе чиноначалствува отец Кирил, монах во манастирот „Света Пречиста Богородица“. Ако бројот на верници на утрената литургија биде поголем, тогаш истата ќе биде отслужена на отворено пред манастирската црква. Поради короната, традиционалниот манастирски ручек наместо во трпезаријата, ќе им се подели на верниците присутни на ова одбележување пред самите конаци – истакна сестра Софија, старешинка на манастирот.

Инаку, манастирскиот кум кој традиционално се избира на празникот Ѓурѓовден, на манастирот ќе му служи во наредните 12 месеци, а годинешен кум на манастирот е Станко Китаноски, по потекло од ова село. З.А.