Македонско друштво „Илинден“ со седиште во Тирана и огранокот за Голо Брдо, преку соопштение изрази жалење што официјална Софија се обидува да ги претстави Македонците од областа Гора како Бугари.
– Како и многупати досега, македонското друштво „Илинден“ се залага за вистината, според која Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ.
Нивната самосвест е македонска, а обидите на бугарската политика да го обезличи и побугари ова македонско население се остваруваат со уцени и со лаги во смисла на подобрување на нивниот социјален статус и економска положба преку делење бугарски пасоши, стипендии за студирање на младите Македонци… Цената на тие бугарски „услуги“ се сведува на потпишување изјава дека Македонците се Бугари и дека и нивните предци биле Бугари – се наведува во соопштението.

Друштвото апелира албанската влада да преземе сериозни мерки за грижата околу положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во Република Албанија.
– Постојат документи од бугарската и од француската провениенција од 1923 година, со кои се потврдува дека населението во пограничниот регион помеѓу Албанија и Македонија се чувствувало и се изјаснувало како македонско.
Сепак, за потребите на големобугарските аспирации врз македонскиот народ, Бугарија создава вештачки проблем со бугарско малцинство во Албанија – наведува друштвото.
Македонското друштво „Илинден“ изразува и загриженост поради, како што се наведува во соопштението, апатичната политика на македонската влада во однос на македонското малцинство во Албанија. П.Р.