Фото: Игор Бансколиев
  • „Македонија на дланка“ е биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
  • u „Македонија на дланка“ е биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.

Ново Село

Ново Село на неодамнешните локални избори го доби својот градоначалник. Жителите на оваа општина својата доверба му ја дадоа на кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Ѓорѓе Божинов.
Како што истакна тој за „Нова Македонија“, веднаш од почетокот на мандатот извршил увид на местата каде што работата веќе е во тек, како изградба на нова водоводна мрежа во с. Сушица, изградба на нова канализациска мрежа во с. Сушица, како и изградба на канализациска мрежа во Ново Село. Тој нагласи дека почнал и со реализација на нови проекти, како подготовка за асфалтирање улици во Ново Село, од кои веќе на улицата Првомајска се одвиваат земјени работи за подготовка за асфалтирање, за навремена реализација пред почетокот на зимските врнежливи денови. Божинов нагласи дека од особена важност била посетата на институциите што работат во составот на општината, бидејќи станува збор за организации што директно влијаат на животот на граѓаните.
Соодносот на силите во Советот на Општина Ново Село е еднаков за двете големи партии. По седум советници се избрани од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и од СДСМ и коалицијата. Разликата ја прави советникот од листата на „Стига е“, која освои едно место во Советот.
Во оваа општина се лоцирани некои од најпопуларните туристички места во земјава, меѓу кои се Колешинските Водопади, Мокринските Извори и археолошкиот локалитет Црвено Поле. Интересен податок за оваа општина е тоа што во нејзините граници е лоцирана планината Беласица, каде што е сместен граничниот премин помеѓу Македонија, Бугарија и Грција. Граничниот премин е поставен во форма на пирамида, за да ја означи тромеѓата помеѓу овие три држави.


Неготино

Кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Горан Стојанов, беше кандидатот кому граѓаните му ја дадоа довербата да го предводи Неготино во следните четири години.
Како што истакна тој, покрај тековните активности, негови приоритети ќе бидат реконструкција на центарот на градот, конечно решавање на проблемот со водоснабдувањето во Неготино, изградба на бунари за вода во Војшанци и Тремник, нови пумпи во Курија, изградба на покриен градски пазар, изградба на два кружни тека, стимулации за инвеститорите во трите индустриски зони за намалување на невработеноста и нови паркови и зелени површини.
Советот на Општина Неготино има 15 советници, од кои седум се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, седум од СДСМ и коалицијата и еден советник од Левица.
Неготино е една од општините најпознати по одгледувањето грозје и производството на добро и квалитетно македонско вино. Општината Неготино има годишно производство од 20 до 25 милиони килограми грозје, додека, пак, од индустриските култури најзастапени се тутунот, афионот, градинарските култури и житарките.


Ресен

Јован Тозиевски беше одбран од страна на жителите на Ресен да ја предводи општината во следните четири години. Тој е кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“.
Тој за „Нова Македонија“ истакна дека приоритет во неговиот четиригодишен мандат ќе бидат јаболкопроизводителите, за кои ќе се труди да го добијат тоа што го заслужиле. Планирано е тоа да го оствари со привлекување инвеститори, отворање нови центри за откуп на јаболкото и отворање нови пазари за негов пласман. Исто така, во план е и отворање повеќе дигитални услуги за граѓаните, со што Ресен ќе стане таканаречен „паметен град“. Приоритет ќе му биде создавање модерна и инфраструктурно поврзана општина, решавање на недостигот од паркинг-места, асфалтирање на повеќе градски и селски улици, како и решавање на проблемот со недостигот од вода за пиење во одредени населени места во општината и, најбитно, довршување на реконструкцијата на водоводната мрежа.
Распределбата на советничките места во Советот на Општина Ресен е ВМРО-ДПМНЕ седум советници, СДСМ шест, ДУИ еден и Беса еден.
Ресен е општина најпозната по јаболката, но и по Преспанско Езеро, кое станува сѐ попопуларно изминатите години. Локациите Претор, Стење, Отешево се само мал дел од природните туристички капацитети на оваа општина.


Пехчево

Жителите на општината Пехчево, за свој предводник во следните четири години го одбраа Александар Китански, кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“.
Тој истакна дека ќе работи чесно, а парите од буџетот ќе ги троши наменски за вистинските приоритети. Тој потенцира дека ќе работи на искористување на сите расположливи ресурси за поттикнување на локалниот економски развој, подобрување на комуналните услуги, ефикасна администрација, партиципативно граѓанско учество, стимулации за младите, подобрување на
патната инфраструктура, кои се граѓански приоритети за решавање во општината Пехчево.
Советничките места во оваа општина се распределени помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои имаат пет советници, СДСМ и коалицијата имаат четири советници, а двајца советници се од независна советничка листа.
Пехчево е најпознато по зимскиот туризам. На само десет километри од Пехчево се наоѓа познатото туристичко место Равна Река. Тука се наоѓаат познатите Пехчевски Водопади, изворот на Брегалница, убави летниковци и спортски терени. Местото изобилува со прекрасни викендички и два рибника.