Фото: Игор Бансколиев
  •  „Македонија на дланка“ е биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
  •  „Македонија на дланка“ е биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.

Кратово

Во следните четири години, за градоначалник на општината Кратово тамошните жители го избраа Тодорче Николовски, кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“.
Тој во следните четири години ќе се фокусира на инфраструктурата и нејзина реконструкција и изградба на нова, како и на водоводните и канализациските системи, кои директно придонесуваат за почиста и поздрава средина, а ја потенцира и реконструкцијата на улицата Јосиф Даскалов, како и регулацијата и естетското уредување на речното корито и нова канализациска инсталација на Манцева и Табачка Река.
Николовски нагласи дека ќе се фокусира и на културата. Па, така, ќе се возобнови културно-забавната манифестација „Златни денови“, а ќе се изгради и адреналински парк на „Стара Мусала“, по примерот на развиените туристички дестинации, и ќе се постават опрема и реквизити за забава на посетителите. Ќе се работи и на уредување на „Карши бавча“, на ревитализација на турскиот затвор и турскиот амам и на ставање во функција за развој на туризмот. Градоначалникот нагласи и дека ќе се отвори туристичко-информативно биро за промоција на Кратово. Тој најави и изградба на дом за стари лица.
Советот на Општина Кратово го сочинуваат осум советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пет од СДСМ и двајца советници од група избирачи.
Општина Кратово е сама по себе историски и природен споменик, бидејќи градот Кратово е сместен во грлото на изгаснат вулкан. Кратово е изградено со типична староградска македонска архитектура и е познато по своите кули и мостови. Во градбите најмногу се користат каменот и дрвната конструкција, пересте и плитар, со што им овозможува еластичност и цврстина. Оваа општина во своите граници има и неколку археолошки наоѓалишта.


Чашка

Жителите на Чашка за свој градоначалник го избраа кандидатот за СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Горан Стојановски.
Тој истакна дека во следните четири години ќе се фокусира на изградба на фекална канализација со пречистителни станици на селата Горно и Долно Јаболчиште и регулација на речното корито на реката Тополка. Крајната цел на овој проект е целосно да се покриjaт селaта со фекална канализација, со што ќе се подобрат условите за живот на населението и економскиот развој на населените места, во кои живеат околу 4.000 жители. Стојановски потенцира и дека ќе работи на изградба на комплетна инфраструктура за индустриска зона во населбата Чашка, а како што најави, ќе се изгради и локален пат и партерно ќе се уреди просторот до географскиот центар на Македонија во Долно Врановци. Во следните четири години жителите на општината ќе добијат и дом на културата во населбата Чашка, за развој на културата, а исто така ќе се изградат фекални канализации во Согле и Горно Врановци.
Советот на општината Чашка е составен од четворица советници од коалицијата „Сите заедно“, помеѓу ДУИ и Алијанса за Албанците и Алтернатива, тројца од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и четворица од СДСМ и коалицијата.
Во оваа општина во непосредна близина на населбата Чашка, на археолошкиот локалитет Мрамор, која потекнува од неолитско време, пронајдена е топчеста флејта, стара 6.000 години. Малиот глинен инструмент е пронајден во 1989 година и е изработен од пречистена црвена глина. Окарината е целосно зачувана и има неправилна топчеста т.е. елипсовидна форма, со дијаметар од 4,7 сантиметри, со шуплива внатрешност.
Општината Чашка е позната и по тоа што во нејзините граници се наоѓа селото Горно Врановци, каде што првпат е испечатен весникот „Нова Македонија“, а сега тука е лоцирана и спомен-куќата, каде што е сместена првата печатарска машина на која е изработен весникот.