И сегашниот градоначалник на општината Желино, како и поранешните, вели дека локалната самоуправа нема доволно пари сама да го доасфалтира патот до Луковица, единствено село до кое нема целосно асфалтирана делница. Новиот градоначалникот Блерим Сејдиу вели дека ќе се бара помош од Владата за доградување на преостанатите шест километри до планинското село Луковица. – Руралните општини немаат финансиски сили да се соочат со ваков вид проблеми. Затоа се бара помош од Владата, за на тој начин да ги решат проблемите луѓето таму, особено учениците на кои најмногу им треба патот што секој ден го употребуваат – рече Сејдиу.

До Луковица се стига преку пат од Групчин преку Мерово, до каде што има асфалт. Проблемот е од месноста Крстец, каде што во еден правец до Луковица нема асфалт, додека кон Седларево патот има коловозна лента. Повремено неасфалтираната делница се израмнува со песок и земја, но при дожд на патот се отвораат огромни кратери и дупки. Првиот човек на општината најави дека до државните институции, освен за Луковица, ќе аплицираат со повеќе проекти од областа на инфраструктурата и комуналиите. – За нашата општина водоводот и фекалната канализација се приоритет. Се подготвуваме со документи да аплицираме до разни институции, особено до Агенцијата за развој на рурални региони. Потоа следува реконструкција на патиштата до Стримница, Чифлик, Ларце, Групчин и до Ново Село, како и реконструкција на училиштето во Палатица – изјави Сејдиу.