Локализиран е пожарот, што вчера дивееше во близина на Преспанското село Асамати, информира командирот на Територијалната против пожарна единица во Ресен, Ристе Илиевски.

Според него, опожарена е голема површина трска.

– Интервениравме со две возила и четворица пожарникари. Поради непристапноста на теренот од блато, пожарот беше изгаснат ноќеска во 23 часот и 50 минути – изјави Илиевски.

Упати апел до населението да не палат стрништа, меѓи и друг запаллив материјал, да не фрлаат отпушоци од цигари како и да не палат оган на отворен простор.

Препораки за заштита од пожари испрати и подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување од Ресен, потсетувајќи ги граѓаните доколку забележат пожар веднаш да пријават на еден од бесплатните телефони 193 пожарна, 192 полиција и 195 во Центарот за управување со кризи.