Поради мрест на крапот се забранува риболовот на Осломејско Езеро, во наредните триесетина дена. Оваа забрана ќе важи до 20 јуни, до кога ќе се мрести оваа слатководна риба. Од тие причини се апелира до сите спортски риболовци во општината и пошироко, во овој период да се воздржат од рибарење на оваа акумулација.

-Поради мрест на крапот, во периодот од 10 мај до 20 јуни, се молат риболовците од нашиот регион и пошироко да се воздржат од рибарење на Осломејското езеро. Бидејќи мрестот во најголем дел се одвива во североисточниот ден на езерото, во правец кон селата Шутово и Стрелци, целосно да се прекине со рибарење во тој дел на езерото. Се надеваме дека спортските риболовци ќе ги прифатат нашите молби, бидејќи сo нормален развој на мрестот се зголемува рибниот фонд во езерото, кое во изминатите две порибувања е збогатено со 1000 килограми крап и толстолобик од сите големини – потсети Мире Ночески, еден од најактивните спортски риболовци во градот.

За акцијата да биде уште поефективна на краjезерскиот брег се поставени и табли и неупатените да бидат запознаени со мрестот на крапот и секако да не фрлаат ѓубре во близина на езерските води.

-За да биде ефектот поголем во краjезерскиот појас се поставени табли со појаснување, дека во ова езеро во тек е мрестот на крапот и се замолуваат да го одложат рибарeњето по 20 јуни. Исто така на овие табли стои препорака која се однесува на сите кои тука престојуваат, да се грижат за околината и некотролирано да не фрлаат отпадоци- вели Слободан, спортски риболовец активно вклучен во порибувањето на езерото.

З.А.