Викендов започнува ловот на крупен дивеч и ќе трае до последниот викенд од јануари идната година. Ловечкото друштво „Сокол“ ги врши последните подготовки за претстојната ловна сезона, во ек е пријавување на ловџиите и подмирување на членарината која изнесува 4.000 денари за една сезона за лица до 60 годишна возраст и 2500 денари за ловџии постари од 60 години.

-Очекуваме ловџиите кои сакаат да ловат во нашето ловиште да ја подмират членарината до средината на месецов, а висината на истата зависи од возраста и изнесува 4.000 денари за лица не постари од 60 години и 2.500 денари за ловџии постари од 60 години, додека еднодневна такса изнесува 500 денари. Ловот на крупен дивеч се отвора викендов и ќе трае до последниот викенд од јануари следната година. Покрај останатиот дивеч, во една ловна сезона во нашето ловиште дозволен е и отстрел на 20 возрасни срни по 10 од обата пола. Ловот на срни се обавува во присуство на член од раководството на ловното друштво – вели Милован Симјаноски, од ловечкото друштво „Сокол“.

Симјаноски додава дека веќе три години во нивното ловиште престојуваат и странци и нивниот интерес е во постојан пораст и се шири и на ловџии од други земји.

– Паралелно со редовниот лов на локалните ловџии, трета година по ред комерцијален лов во нашето ловиште вршат ловџии од Швајцарија. Се работи за бизнисмени од оваа алпска земја, кои и годинава го најавија својот престој во нашето ловиште во текот на јануари. Покрај ловџиите од Швајцарија, за годинава имаме потврда дека во истиот месец кај нас ќе престојуваат и поголема група ловџии од Кипар, а има најави и за ловџии од  други земји, кои ги планираме за следната ловна сезона. Странците ловат на посебни локации на кои домашните ловџии немаат пристап и овие делови од ловиштата се наменети исклучиво за комерцијален лов. Според мое мислење, иднината на комерцијалниот лов е се поизвесна и според зборовите на странците, нашиот регион е идеален за лов на крупен дивеч и дека во иднина тука ќе престојуваат во уште поголем број- додава Симјаноски.

Инаку во текот на зимата ловечките друштва од кичевско вкупно три, покрај редовниот лов имаат грижа за дивечот неговиот подмладок, а во текот на студениот дел од годината кога е замрзнато и има висок снег, се грижат за прихрана на дивечот со зрнеста и кабеста храна. Во трите ловечки друштва од  овој регион членуваат над 1000 ловџии, не сметајќи ги оние што добиваат еднодневни дозволи за лов, во тој случај нивниот број е многу поголем.

З.А.