Во организација на Педагошкиот факултет – Битола и Македонското научно друштво од Битола, денеска во амфитеатарот на Педагошкиот факултет во Битола се одржа литературно читање посветено на Блаже Конески.

Литературното читање е дел од низата активности кои Педагошкиот факултет – Битола и Македонското научно друштво од Битола ги организираат за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на писателот, лингвистот, преведувачот – академик Блаже Конески.

Во литературното читање зедоа учество професори од Педагошкиот и Правниот факултет од Битола, членови на Македонското научно друштво, како и студенти од
Педагошкиот факултет Битола.

Настанот го отвори деканот на Педагошкиот факултет – Битола, проф. д-р Добри Петровски и претседателката на Македонското научно друштво од Битола, доц. д-р Невена Груевска.

На литературното читање професор д-р Златко Жоглев, студентките Ангела Најдовска и Николина Ѓуровска, се претставија со својот осврт и рецитал на одбрани стихови од циклусот песни што Конески ги посветил на Крали Марко.

Професор д-р Гордана Стојаноска, заедно со студентките Ангела Спировска, Наташа Зулумовска и Јасна Талевска, ги долови ритамот и звуците на „Тешкото“.

Професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска понуди свое толкување на безвременската „Стерна“, а студентките Марија Менчева, Јана Пашовска и Софија Трампеска изведоа рецитал на „Стерна“ Професор д-р Милена Касапоска-Чадловска, со
студентките Димитра Десановска и Дијана Нешковска, ја повика „Везилката“ од која Конески барал совет за тоа како се ткае стихот на една совршена „проста и строга
македонска песна“.

Професор д-р Билјана Граматковски, со студентите Христијан Тунески и Ангела Димитриовска, имаше задача да потсети на волшебните љубовни стихови на Конески,
што имаат моќ да го разнежнат и стоплат сечие срце.

На крајот професор д-р Милена Пејчиновска потсети на аманетот што Блаже Конески ни го остави – „Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“ М.М.