По пауза од десет години, лекарски уверенија граѓаните на Кичево ќе можат да добијат и во Општата болница во  нивниот град, за што се обезбедени персонални и просторни услови. Со враќањето на лекарските уверенија во кичевската болница, граѓаните ќе немаат потреба повеќе да патуваат во Гостивар, Охрид или Струга, каде што се изложуваа на дополнителни трошоци за да обезбедат ваков документ.

– Официјално можеме да ги информираме нашите сограѓани, дека од вчера лекарско уверение ќе може да добијат и во нашата болница. Цената на едно лекарско уверение изнесува 2.000 денари, а комисијата за издавање на лекарски уверенија работи во периодот од 13 до 16 часот, во сите работни денови. Со враќањето на лекарските уверенија во нашата болница, конечно им ги скративме маките на нашите сограѓани, по ваков документ да не патуваат по градовите во соседството и да се излужуваат на дополнителни трошоци – информираа од општата болница во Кичево, која по овој основ, секоја година, остваруваше помали приходи од околу 30.000 евра.

Инаку, услугите на оваа болница покрај локалните жители, ги користат и жителите од соседните општини Пласница и Македонски Брод. Забрана за издавање на лекарски уверенија на кичевската болница и изрече Републичкиот санитарен инспекторат, поради непоседување на соодветни просторни услови, иако во истите простории со години работат повеќето специјалистички ординации.