БИТОЛА

Со проектот за модернизација на системот за јавно улично осветлување, односно со замената на постојните натруимови и живини светилки со нови лед-светилки, Општина Новаци минатата година заштеди ни повеќе ни помалку туку 822.286.00 денари, или околу 13 илјади евра.
– Додека во 2018 година трошоците за уличното осветлување во Новаци со живините светилки изнесуваа 2.331.535 денари, а во 2019 година, со почнувањето на проектот и поставувањето на првите арматури на лед-светилки, трошоците за уличното осветлување се намалија на 1.954.339 денари, во 2020 година, по завршување на проектот за замена на живините светилки со нови лед-светилки, трошоците се намалија на 1.132.053 денари, со што е направена заштеда од 822.286 денари на годишно ниво, односно 60 проценти од вкупните трошоци – се вели во соопштението на Општина Новаци.
Според информацијата од Новаци, на територијата на општината во изминатите три години се поставени нови 1.083 лед-светилки и се обезбедени дополнителни 350 лед-светилки.
– Покрај значителното намалување на вкупните трошоци за електрична енергија, со овој модерен и ефикасен систем на осветлување се постигнаа поголема енергетска ефикасност и поголем светлосен флукс, подобрена социјална и сообраќајна безбедност и, најважно од сѐ, поврат на инвестицијата во наредните 15 години – велат во Општина Новаци.