Фото: Зоран Антоски

И покрај обврските на работните места, што во овој период од годината ги имаат граѓаните на Кичево, сепак и во есен СРЦ „Крушино“ пулсира со сличен ритам како кон средината на летото, кога во ова излетничко место на три километри од градот, немаше ни игла каде да падне.

Чистиот воздух и боровата шума се вистински магнет за сите генерации на граѓани и покрај очигледниот факт, што дел од терените во центарот не се во најдобра состојба, а тоа првенствено се однесува на фудбалскиот терен, тениските терени, теренот за одбојка на песок, кој многумина и не знаат дека постои, и атлетската патека на која се таложи кал од нејзиното блиско опкружување.

Преостанатите терени во поголема мерка ги задоволуваат потребите на рекреативците и таму голем дел, пред сѐ млади, играат кошарка, баскет, мал фудбал или ракомет.

Сите се согласни дека Крушино не излегува од мода, туку е актуелно за жителите од овој град во текот на целата година.

– За нас жителите на Кичево, СРЦ „Крушино “ е секогаш привлечно, независно од периодот во годината, можете да забележите и во есен многу граѓани секојдневно се тука, каде упразнуваат некој спорт или само пешачат.

Што ли ќе се случеше ако се инвестираше во самиот центар и се реактивираше мотелот, тогаш овој простор ќе беше вистинска мета како за локалните жители, така и за гостите од страна. Јас имам  повеќе слободно време и безмалку секој ден одам пеш на релација Кичево–Крушино и така ќе практикувам сѐ додека дозволи времето – вели  Никола, кој, како и многу други вљубеници во природата, не ги менува навиките.

Многумина велат дека редовното пешачење им го подобрило здравјето и се чуствуваат многу повитално.

– Навиките кои ги создадов пред повеќе години и денес ги практикувам. Речиси секојдневно сум во овој центар и сѐ додека тоа го дозволува времето, ќе бидам присутен во Крушино. Секојдневното пешачење во значителна мера ми помогна да ја подобрам здравствената состојба и да ја одржувам посакуваната тежина и не гледам никаква причина зошто и понатаму да не продолжам со оваа практика – вели Драган Радески, рекреативец.

Граѓаните сепак се разочарани од изградбата на автопатот над самиот град, каде планината Бистра го распослала своето зеленило. Но, со новата автопатска траса, како да му ги пресекле белите дробови на Кичево, а поради свлечиштето, еден дел од патот е во многу лоша состојба, со многу нерамнини и дупки, и сите што посакуваат со автомобил да дојдат до Крушино или Кнежино, мора да бидат крајно претпазливи за да не го оштетат возилото. Оваа состојба на дел од патот на кој беше изграден бај-пас трае повеќе од три години. При посилни врнежи од дожд, овој дел од патот ќе биде во уште полоша состојба и за очекување е да настане прекин во одвивање на сообраќајот кон Крушино, село Кнежино и Кнежинскиот манастир.