Општина Охрид бара од надлежното Министерство за транспорт и врски да преземе итни мерки за спречување на натамошно намалување на водостојот на нивото на Охридското Езеро. Негативните последици од нискиот водостој особено е изразен во Студенчишкиот канал каде се забележува недостаток на кислород што се забележува во однесувањето на рибата.

Во дописот до Министерството се истакнува дека намалениот водостој на Езерото се заканува да прерасне во посериозен проблем што се заканува да предизвика сериозни последици по рибниот фонд.

Во неколку наврати и еколошките активисти побараа да се стопира испуштањето вода од езерото. Експертите истовремено посочуваат дека рибата поради нискиот водостој излегува на површина и наскоро може да се случи масовно да угинува поради недостаток на кислород.

Во насока на превенирање на посериозни последици, Општината веќе спроведе одредени активности, преку исклучување пумпите за вода од каптажата „Билјанини Извори“ наменети за потребите на ЈП „Водовод“ и пренасочување на водата во Студенчишкиот канал.

Проблемот со водостојот на езерото дополнително го усложнуваат неповолните временски околности, односно сушниот период без најави за врнежи.

Недоволното количество свежа вода во Студенчишкиот канал односно ниската концентрација на кислород се манифестира со вознемиреност кај рибата и нејзинот невообичаено однесување, а истото може да води до асфикација односно задушување.