Критично водоснабдувањето во некои села во Поречјето

Сушата што изминатите години е сѐ поизразена во земјава, во некои ридско-планински села во Поречјето, им предизвика проблеми на жителите со водоснабдувањето. Проблемите се продлабочуваат од година на година, па кога сушата трае долго време, се случува бунарите целосно да пресушат, а жителите да останат без вода и без основни услови за живот.
Селото Рамне е едно од неколкуте населени места, кое во овој период најмногу го чувствува овој проблем и каде што состојбата е најкритична.

– Во овој крај ретко врне дожд и не паѓа снег. Тоа во нашиот регион во последните неколку години остави длабоки траги врз водоснабдувањето во селото, каде што се користат последните резерви на вода и ако во селото пристигнат повеќе викендаши, тогаш се случува и единствениот бунар што сѐ уште, колку-толку, има вода целосно да пресуши. Традиционално најкритичен е периодот од јули до октомври, кога резервите на снег од претходната зима речиси ги нема и тоа е причина изворишните делови на бунарите да нема од каде да се хранат со вода. Годинава бројот на жителите во селото поради кризата со ковид-19 е зголемен, а тоа уште повеќе ја усложнува и онака тешката состојба со водоснабдувањето. Принудени сме кога има вода да создаваме резерви, за да не дојдеме во ситуација дома да останеме без ниту капка вода – вели Митко Никодиноски, постојан жител на селото Рамне.

Сепак, во овој регион проблемот со водоснабдувањето е планирано да се реши. Некои села наскоро ќе го решат овој проблем откако ќе се изгради регионален водовод.
– Проблемот со вода за пиење во нашиот регион се провлекува со години, но последните три-четири години тој достигнува алармантни размери. На дел од селата проблемот ќе се реши со изградба на водоснабдувачки систем, од кој со квалитетна вода од Добра Вода ќе се снабдуваат традиционално сушните села: Калуѓерец, Могилец, Зркле, Инче и Сушица. Очекуваме наскоро на овој начин водоснабдувањето да се подобри и во другите села во Поречјето – вели Даниел Јованоски, жител на селото Зркле.