Во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инжинери во соработка со Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети, денеска во Битола се одржа трибина насловена „Регулирање на градењето во градски јадра прогласени за споменички целини“.

– Регулирањето на градењето во старото градско јадро на Битола е еден од предизвиците со кои се носи градот и секое унапредување на регулативата е добредојдено за сите чинители. Градот на конзулите е пребогат со објекти кои
говорат за минато, за традиција што оставила такви траги низ времето и во просторот што ние мораме да направиме сѐ што е потребно да се спасат од забот на времето. Културниот идентитет на Битола не може да се замисли без старото градско јадро и неговата заштита, кое пак не може да остане одржливо ако не се развива. Балансот помеѓу заштитата и развојот, најдобро можете да го одредите вие, професионалците, а ние политичарите сме тука за да ве сослушаме, а потоа заеднички да ги спроведуваме
политиките што ги препорачуваат експертите – истакна во своето обраќање градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Тој изрази верување дека ваквите настани ќе придонесат за унапредување на законската регулатива која се однесува на ова прашање.

– Моите очекувања од стручната дискусија се насочени во правец на усогласување на регулативата и поедноставување на постапките што го регулираат градењето во Старото градско јадро во Битола, без притоа да се влијае на културниот идентитет на градот. Верувам во капацитетите на Комората и ИКОМОС Македонија, како стручни тела, дека во соработка со стручните институции и професионалците во нив можат да одговорат на предизвикот. Се надевам дека законодавецот ќе ги препознае капацитетите на чинителите и ќе излезе во пресрет, со цел унапредување на регулативата. Затоа, посакувам успешна стручна дискусија од која ќе произлезат конструктувни дискусии и конструктивни заклучоци, во насока на подобрување на состојбите – рече Коњановски во своето обраќање пред присутните.

На денешниот настан, беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу Комората на овластени архитекти и овластени инжинери и ИКОМОС Македонија. М.М.