Иако последиците од пандемијата тешко ги погодиja сите граѓани во државата, сепак коронавирусот најтешко ги погоди дуќанџиите од Старата битолска чаршија. По неколку месеци, трпеливост, исчекување, надеж… деновиве кренаа раце и најголемите оптимисти во чаршијата и решија да им стават клуч на своите дукани.

Дуќанот се издава, или дуќанот се продава. Тоа се најчестите огласи кои деновиве можат да се видат на излозите на дуќаните во Старата битолска чаршија.

Деновиве клуч на својот дуќан му стави и еден од најстарите занаетчии во Чаршијата, кројачот Јанко, кој со тешко срце го откажа дуќанот и одлучи истиот да го затвори.

Во разговорот за „Нова Македонија“ добар дел од дуќанџиите се жалеа на состојбите во Чаршијата по појавата на коронавирусот. Иако и пред пандемијата на дуќанџиите не им цутеа рози, сепак некако крпеа крај со крај. Но по појавата на пандемијата едноставно граѓаните ја заборавија Чаршијата.

– Повеќе не се издржува. Не знам што ќе правиме. Голем број дуќанџии одлучија да им стават клуч на своите дуќани. И јас секој ден размислувам да се одлучам на таков чекор. Но не знам што ќе работам откако ќе затворам. За пензија сум се уште млад, а за отворање на нов бизнис не сум кадарен. Да не зборувам дека со моите 52 години не смеам да рзмислувам за вработување во јавниот сектор, или во „Кромберг и Шуберт “ каде се бараат најчесто работници – ни вели Ј.П. кој пред десетина години, по убедување на неговиот татко, одлучи да го продолжи семејниот бизнис со поправка на чевли.

Навистина тажна е приказната на Ј.П., но слична е на речиси сите преостанати дуќанџии, кои иако се свесни дека државата не може на сите категории граѓани да им ги реши проблемите, сепак се надеваат дека власта ќе помисли и на нив и ќе направи напори да им помогне со некои поволности, како што се даночни олеснувања, привремено замрзнување на кириите, исплата на минимални плати, или давање на поволни бескаматни кредити.

Засега локалната власт се уште нема излезено со некое решение со кое ќе им помогне на дукаџиите во Старата битолска чаршија да се справат со последиците од пандемијата. М.М.