БИТОЛА

Компанијата „Елем турс“ – подружница „Молика“ од Битола, деновиве официјално ги почна активностите за реализација на планот и програмата за следната зимска туристичка сезона на ски-центарот „Копанки“ на Пелистер, во функција на исполнување на очекувањата на љубителите на зимските спортови, планинарството и планинскиот туризам, како и преостанатите рекреативци што го посетуваат Пелистер.
На локалитетот Бегова Чешма од пред неколку дена почнаа градежните активности за поставување платформа на сончевата страна од скијалиштето, како идеален простор за поставување урбана опрема и организирана понуда на храна, пијалаци и топли напитоци за време на зимската и летната туристичка сезона.
Платформата на Бегова Чешма ќе биде одлично место за одмор и рекреација, но истата таа ќе биде ставена во функција и за организирани настани и дополнителни манифестации во текот на целата година.

Инаку, „Елем турс“ ДООЕЛ Скопје – подружница „Молика“ Битола, со завршувањето на зимската скијачка сезона во март 2021 год., почна со реализација на акцискиот план и развојната стратегија, со цел ски-центарот „Копанки“ во следните десет години да добие многу нови мултифункционални содржини, нагласуваат од АД ЕСМ.
Во настојувањето за подинамичен развој на туризмот и привлекување на што поголем број љубители на планината на Пелистер, од пред неколку дена ски-центарот „Копанки“ почна да нуди нови содржини. Така, во зависност од временските услови секој викенд на Пелистер жичницата двосед Бегова Чешма – „Копанки“ е во функција за секој посетител од 10 часот до 14 часот. Цената на билетот за едно возење е 100 денари, додека дневниот билет чини 300 денари. Од хотелот „Молика“ сметаат дека ставањето во функција на жичницата на „Копанки“ за викендите во време на летната туристичка сезона ќе овозможи дополнителна промоција на Пелистер како туристичка дестинација, а наедно ќе поттикне развој и соработка во делот на сите алтернативни форми на туризам, планинарски спортови, планински велосипедизам, параглајдинг, алпинизам и други области,кои во рамките на својата примарна дејност заеднички со хотелот „Молика“ ќе дејствуваат меѓусебно и ќе соработуваат заради заеднички интерес за реализација на сите програмски активности.