Духот на едно време кое повеќе го нема, времето на старите чаршии, занаетите и серенадите под пенџери, синоќа преку песна го вратија учесниците на традиционалната манифестација „Распеана чаршија-Трба, трби“ која се одржа во Гевгелија по повод прославата на Спасовден.

Во своето обраќање на отворањето, градоначалникот Сашо Поцков изрази задоволство што со гевгеличани на манифестацијата се присутни многу гости од повеќе општини од Македонија како и гости од соседна Грција и збратимената општина Јабланица од БиХ.

– Овој пример најдобро зборува за отвореноста на нашиот град, за гостопримството на гевгеличани, за европската перспектива на градот кој не само што се наоѓа на Коридорот 10 и на самата граница со ЕУ, туку и според постигнатите резултати сигурно чекори кон Европа, рече Поцков.

Тој посака Спасовден и понатаму да бдее над Гевгелија, нејзините граѓани, над сите добронамерници и да донесе здравје, благосостојба и толеранција.