ГЕВГЕЛИЈА

Речиси сите ученици во гевгелиските училишта располагаат со компјутери за онлајн следење на наставата, а наскоро ќе бидат обезбедени нови компјутери и за сите наставници, како што информираат од Општината. Оттаму оценуваат дека наставата во првото полугодие се одвивала непречено и без посериозни проблеми.
– Во текот на првото полугодие од учебната 2020/2021 година, во општината Гевгелија, во сите пет основни и едно средно училиште, со вкупно 2.704 ученици, реализацијата се одвиваше непречено, според утврдениот начин на Министерството за образование и наука, со исклучок на одредени помали технички проблеми, кои се решаваа тековно. Во основните училишта, од 2.007 ученици, наставата со физичко присуство ја следеа 757 ученици од прво до трето одделение, како и учениците од прво до петто одделение во ООУ „Климент Охридски“ во Миравци и во сите осум подрачни училишта. Преостанатите 1.250 ученици наставата ја следеа онлајн, како и 22 ученици во одделeнска настава – информираат од Општината.

Оттаму додаваат дека речиси сите ученици располагаат со компјутери за онлајн следење на наставата, а наскоро ќе бидат обезбедени нови компјутери и за сите наставници.
Во СОУ „Јосиф Јосифовски“ речиси сите 697 ученици ја следеа наставата онлајн. Минатата година првпат во училишните клупи седнаа и 202 првачиња. Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, еднаш неделно организираше состаноци со директорите на гевгелиските училишта, на кои се дискутираше за тековните активности во поглед на реализацијата на наставата за време на пандемијата на ковид-19. Одделението за образование при Општина Гевгелија секојдневно беше во комуникација со директорите и со стручните соработници во училиштето и ја следеше состојбата за бројот на ученици што се приклучиле во онлајн наставата. Второто полугодие од учебната 2020/2021 година почнува на 21 јануари – информираат од Општина Гевгелија.