Состојбата со колекторскиот систем во Охридско Езеро е лоша, оценија првите луѓе на јавните претпријатија „Проаква“ од Охрид и од Струга, Владимир Алексиоски, Јетон Шакири и охридскиот градоначалник Јован Стојаноски, при вчерашната посета на пречистителната станица во струшкото село Ложани.
Директорот на струшка „Проаква“ Јетон Шакири, на 30-годишниот јубилеј од изградбата на колекторскиот систем, изјави дека поради неадекватното одржување и дотраеност на опремата, состојбата е доведена до колапс.
– Дел непречистени води целосно се влеваат во реката Црн Дрим и во Охридско Езеро – изјави Шакири.

Неговиот охридски колега Алексиоски појасни дека кога дошол на функцијата директор, пречистителната станица осум месеци претходно не работела.
– По напорна работа од месец и пол ја ставивме во функција, но поради дефект од претходното неодржување и неконтинуирано следење на состојбата, повторно не работи – рече Алексиоски.
Градоначалникот на Охрид изјави дека во договор со Владата во септември се очекува да почне ревитализацијата на постојниот или изградба на нов колекторски систем. Најави дека со ребаланс на општинскиот буџет предвидено е да се обезбедат два-три милиони денари и од Владата да се добијат 10-15 милиони денари за набавка на девет нови прочистителни станици.

– Општината Охрид и ЈП „Проаква“ добија две пумпни станици од Министерството за животна средина и просторно планирање, а ни требаат 11 за да може овој колекторски систем нормално да функционира. Со ребаланс на буџетите ќе обезбедиме средства за набавка на уште девет, со што ќе се овозможи тековно функционирање на колекторскиот систем до крајното решение, односно ревитализација на постојниот или изградба на нов колекторски систем – рече Стојаноски.
Според Ваит Ајро, експерт за животна средина, пумпните станици се во критична состојба и може да престанат со работа. Потребно е итно системот да се стави во целосна функција, смета Ајро и појаснува дека колекторот прифаќа 400 литри во секунда од кои предвидени се 250 од Охрид и 150 од Струга, но оти во моментот во реката Црн Дрим се излеваат 100 отсто од фекалните води.
Колекторскиот систем на Охридско Езеро е изграден за прифаќање, пречистување и одведување на сите отпадни води од Охрид и од Струга со капацитет од 40.000 кубни метри дневно. На почетокот биле изградени 13 пречистителни станици во двата града, но со проширување направени се повеќе од 20 станици. П.Р.