Фото: Зоран Антоски

И покрај намалувањето на бројот на население во општина Кичево, сепак оваа општина бележи континуиран раст во бројот на собрани крвни единици во текот на една година. Овој пораст е особено значаен за вработените во Општинската организација, како и на здравствените установи кои без оваа драгоцената течност не можат нормално да функционираат.

– На наше големо задоволство во последните неколку години бележиме континуиран пораст на крводарувањата. Овие бројки се до толку импресивни, ако се има во предвид континуираниот пад на бројот на жители во нашата општина, пред се за младите жители. Појава која зема се поголем замав последните десетина години а со иселувањето на младите се поместува и старосната граница на постојаните жители во општината – рече Бесник Селими, секретар на ОО на Црвениот крст на Кичево.

Тој низ бројки ни ги предочи резултатите од крводарувањата во последните три години, на овој начин ни го претстави горе искажаното.

– Во нашата општина бројот на крводарувања бележи континуиран пораст, а тоа најсликовито ќе го потврди бројот на крвни единици собрани во последните неколку години. Во 2017 година се евидентирани вкупно 873 крводарувања за во 2018 година нивниот број да се зголеми на 1.016. Во 2019 година имаме дополнително зголемување споредено и со претходната и со 2017 година. Минатата година се собрани рекордни 1.051 крвни единица и за само две години забележан е номинален пораст од 178 крвни единици. Ова количество на крв е собрано во 11 крводарителни акции организирани од наша страна во соработка со Институтот за трансфузиона медицина, како и индивидуални крводарувања извршени во институтот. Според нашите проценки, порастот на крводарувања се должи пред се на зголемената свест на граѓаните и институциите во градот – вели Селими

Тој додаде и  напомна дека собраните количества на крв во општина Кичево ги надминуваат локалните потреби. Инаку проекциите и за наредните години се движат во од околу 900 до 1100 крвни единици.