Фото: Зоран Антоски

Во преполната сала од Центарот за култура, беше промовирана првата книга на Викторија Алексоска „Кичевската нахија според извори на османски јазик од 15 до 17 век“.

Алексоска да ја напише оваа книга, дошла во периодот кога се наоѓала на пост-дипломски студии во Софија, од  2016 до 2018 година, каде го завршува вториот циклус на специјалистички стручни студии по османистика–туркологија. Книгата ја сочинуваат три целини и тоа Скопски санџак, Историја на Кичево и Кичевската нахија и Кичевската нахија според џизите, регистрите од 15 до 17 век.

– Со оваа книга се обидов да направам едно истражување за мојот роден град Кичево, кое што досега не било тема на разработка во ниедно друго дело, односно темата на овој научен труд гласи „Кичевската нахија нахија според извори на османски јазик 15-17 век“ – вели Викторија, која на идеја за оваа книга дошла по разговорот со својата менторка, професорката Стојанка Кендерова, дека сака да истражува за својот роден крај, на тема за Кичево. Професорката ја упатила Алексоска во Националната библиотека во Софија, каде обезбедила доволен број на документи од Ориенталскиот оддел.

Таа потсети дека значаен документ кој го претставува книгата е ферманот од селото Брждани, кој претставува заповед на султанот Абдул Азиз за изградба на црквата „Свети Никола“  и дека султанските фермани се ретко преведени и истите докажуваат дека Османската имерија имала почит кон другите народи кои биле од разлина религија од нив, да им овозможи да изградат свои светилишта и било строго забрането да се попречува нивната изградба или реновирање. Ова е најдобра потврда дека уште во тоа време Османската империја функционира, како денес што функционираат секуларните држави.

При самата разработка користени се различни методи како што се табеларни пресметки, статискита за сумите на данокот џизие, и превод и транскрипција на оригиналите. Исто така вклучени се и текстови на зачувани легенди, преданија поврзани со минатото на Кичево како и фотографии од овој крај.