И покрај неколкуте паркинг-простори изградени последните неколку години, со враќањето на гастарбајтерите на летен одмор во земјава, и овие паркинзи се претесни да ги примат сите возила кои деновиве циркулираат низ Кичево, чија бројка е двојно поголема од вообичаеното во градот кој деновиве доживува сообраќаен колапс, од преголемиот број возила кои се наоѓаат на сообраќајниците.

Градската инфраструктура изградена пред повеќе децении не може да ги задоволи сегашните потреби, бидејќи бројот на возила е далеку над проектираната мрежа. Дури и оние жители кои живеат во потесното градско подрачје не можат на своите возила да им најдат место каде да ги паркираат.

– Секое лето иста слика. Со часови не можеме да најдеме паркинг за своите возила ниту пред зградите каде што живееме а камоли на друго место. На овој проблем треба да му се посвети поголемо внимание, бидејќи бројот на возила секојдневно е во пораст а бројот на паркинзи во градот останува ист. Премногу време губиме за да најдеме паркинг и пред своите домови а, овој проблем од година во година останува ист, затоа мораме да се паркираме таму каде што има празно место-се жалат жителите на зградите во средиштето на градот, кои мака мачат да најдат место за своите возила да ги паркираат пред објектите каде што живеат. З.А.