Меѓународниот карневал „Прочка 2020“ по 19 пат ќе се одржи во Прилеп на 29 феврураи и 1 март, беше соопштено на денешната прес-конференција во општина Прилеп.

Градоначалникот Илија Јованоски посочи дека се подготвени за карневалот на кој ќе има околу 1.000 учесници од земјата и од странство. Претходно, пред да започне карневалот, в петок во изложбениот салон на ЦК „Марко Цепенков“ ќе се отвори изложба на рачно изработени традиционални и современи маски од учениците од училиштата во Прилеп.

Во сабота на пладне на плоштадот „Методија Андонов –Ченто„ е детскиот карневал со дефиле на ученици до 14 години, за во недела од 13 часот да се одржат главните активности за меѓународниот карневал. На први март во вечерните часови ќе биде забавата под маски и доделувањето на наградите.

Според Каролина Николоска од општина Прилеп, на детскиот карневал ќе има 15 маски (вклучени 565 ученици) со кои ќе се покаже детската креативност и ќе се продолжи традицијата.

Ванчо Ѓорѓиев од здружението на Прилепски мечкари посочи дека за првпат ќе има делегации од Германија и Холандија, а маските кои ќе се претстават во недела се креативни и атрактивни. Тој истакна дека прилепската традиционална маска Мечкари, која е автентична и е заштитетен бренд за градот, ќе побараат да биде заштитена од УНЕСКО.

Ка.М.