Фото: Зоран Антовски

Еден од занаетите што е, речиси, пред целосно исчезнување е капарскиот занает, и во моментов, прашање е дали во целата земја останале уште три или четири активни мајстори. Еден од тие мајстори, кој им пркоси на времето и на годините, е 80-годишниот Трајче Ѓорѓијоски од Кичево. Тој уште на 15-годишна возраст почнал да се занимава, поточно, да го учи шивачкиот занает, а попатно го совладал и капарскиот занает и повеќе од 60 години со успех го работи.

– Шивачкиот занает почнав да го учам во 1953 година во Кичево и откако во голема мера ги совладав тајните на овој занает, се заинтересирав и почнав да го работам и капарскиот занает. Бидејќи во нашиот град немаше многу работа, одлучив да се преселам во Суботица и таму продолжив да го работам овој занает во два производствени погона. По тригодишен престој во овој град, повторно се вратив во Кичево каде што отворив и шивачки и капарски дуќан кај старата железничка станица. По двегодишна работа во сопствениот дуќан, ми беше понудено да се вработам во трговија што јас и го прифатив, а со капарскиот занает продолжив да се дружам во слободно време и во ноќните часови. И така до ден-денес – раскажува мајсторот Трајче за времето кога почнал да го работи овој занает, како и за златните времиња на капарството во Македонија.

Но времињата се променија. – Иако бев вработен во трговија, сепак во попладневните и во вечерните часови задолжително седнував крај машината да изработам повеќе примероци на капи. Во зависност од формата и од сезоната, за изработка на една капа ми беа потребни од 30 до 45 минути. Интересот за моите производи беше многу голем, бидејќи кај мене доаѓаа селаните од сите села во нашиот регион, Поречијата, Дебарца, па и Демирхисарско. Интересот за носење капи беше доста голем до средината на 1990-тите години, кога нагло почна да се празни македонското село, а со тоа ги загубивме и најголемите и најважни муштерии. Моја практика беше на секои купени четири капи, на моите муштерии задолжително да им подарувам по една капа, како благодарност што се мои редовни купувачи – додава Ѓорѓијоски, кој и покрај поодминатите години и денес по неколку часа активно работи и произведува капи, кои според формата и дезенот, сѐ уште се барани од нашето население.

Но се бараат и поспецифични форми и дезени.
– За разлика од пред дваесетина години, интересот за купување капи е многу намален и сѐ помал е бројот на граѓани што носат капи, а најголеми купувачи денес се младите, кои бараат специфични форми и дезени. Можам да се пофалам дека мои капи се носат и во Америка, Австралија и низ цела Европа. Нашите печалбари кога доаѓаат во Кичево преку летото купуваат капи од кај мене, а има и такви што порачуваат преку своите пријатели што престојуваат во земјава. Денес иако не може да се живее од овој занает, сепак љубовта кон него никогаш не згаснува. Јас и покрај своите 80 години и денес секојдневно се дружам со машината и со материјалите и шијам капи. Бидејќи и во другите градови повеќе нема мајстори капари, кај мене доаѓаат или порачуваат и муштерии од Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Битола и од Прилеп. И покрај малата заработка од 30 до 50 денари од една капа, сепак сѐ додека ме служат здравјето и меморијата, ќе шијам капи и ќе бидам исполнет со занаетот што повеќе од 60 години со огромна љубов го работам – завршува мајстор Трајче, кој може со часови да зборува за својот занает и за средбите со луѓето, кои купувале и порачувале капи од неговиот дуќан.