Базенот ќе овозможи и одржување на големи пливачки натпревари

Кичево ќе добие нов затворен базен во кругот на училиштето „Санде Штерјоски“ и детската градинка „Ластовички“. Во присуство на министерот за економија Крешник Бектеши, директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, градоначалникот на општината Кичево Фатмир Дехари, повеќе заменик-министри и други личности од градот и државата, завчера беше ставен камен-темелник на овој нов спортски објект.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, истакна дека изградбата на затворен базен во Кичево е дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт за изградба на 14 затворени базени низ државава со димензии 25 метри должина и девет метри широчина.

Новиот базен во попладневните часови покрај на учениците, ќе им стои на располагање на сите граѓани на Кичево, а неговите димензии ќе овозможат организирање и пливачки натпревари во рамките на ЛЕН и ФИНА. Во изградбата на базенот ќе бидат инвестирани 44 милиони денари и истиот тој треба да биде завршен за најмногу 18 месеци, но изведувачите на работите ветуваат и предвремена изградба – рече во своето обраќање директорот Каевски.
Градоначалникот Фатмир Дехари беше презадоволен што Кичево првпат ќе добие затворен базен, кој ќе ѝ служи како на училишната младина така и на преостанатите граѓани на Кичево.

– Првпат во нашиот град ќе биде изграден современ пливачки базен. Спортот е една од најважните гранки и се надевам дека ќе им служи не само на младите туку и на преостанатите граѓани на Кичево. Очекувам изградбата на базенот што поскоро да заврши и ние пак да се собереме тука за негово свечено отворање – рече градоначалникот Фатмир Дехари.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, нагласи дека за актуелната влада многу се важни капиталните проекти, во кои спаѓа и изградбата на 14 затворени базени низ државата.

– Мора да истакнам дека имаме одлична соработка со локалната власт и тоа ни овозможува сите проекти што ги планира Владата полесно и побрзо да се имплементираат, што ќе овозможи и побрз економски развој и вработување на поголем број невработени лица во општината. Овој проект нема да биде единствениот во Кичево и во блиска иднина се планирани и други проекти и ако продолжи вака добрата соработка со локалната власт ќе имаме можност да учествуваме на почетокот на изградба и на нови проекти, а и вие новинарите ќе бидете сведоци на тие настани – кажа министерот за економија Крешник Бектеши.
Изведувач на изградбата на затворениот пливачки базен во Кичево е компанијата „Енергоинвест трејд“ од Скопје.