Во изложбениот салон од Центарот за култура во Кичево, вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата со работен наслов „Калеидоскоп“ на Симона Трипкова и Маријана Ивановска. Изложбата е подготвена од Музеј на град Скопје, како дел од програмата за минатата година, за одбележување на Европскиот ден на креативноста, а во рамките на проектот Кре Арт.

– На вечерашната изложба ќе бидат претставени делата на две млади графички дизајнерки Симона Трипкова и Маријана Ивановска. Започнатиот уметнички пат на графичките дизајнерки е преточен во изложбата „Калеидоскоп“, составена од низа пресечени слики од графичките пораки, преку кои младите уметници говорат за грдите лица на општеството и за љубовта која, како во старите филмови, мора да ја победи темнината. Јазикот на уметноста ја изнедри новата љубов во која се споија идеите на две млади графичарки- истакна Маја Николоска Сиљаноска од Центарот за култура во Кичево.

Додаде дека на оваа изложба ќе бидат претставени триесетина решенија на плакати, со кои авторките учествувале и се наградувани на различни конкурси дома и надвор.

Инаку оваа изложба требаше да се одржи во петокот, но поради сообраќајната несреќа кај Тетово и дводневната жалост, истата е презакажана за денес.

З.А.