Кавадарци на големо се подготвува за дочекот на Новата 2019 гoдина на градскиот
плоштад. Забрзано се работи на финалните работи од проектот за реконструкција на градскиот плоштад. Основниот проект за пренамена на дел од градскиот плоштад има крајна цел подобрување на функционалноста на просторот, подобрување на осветлувањето, збогатување со зеленило и урбана опрема и овозможување непречено движење на хендикипираните лица.

Во рамките на проектот за реконструкција на градскиот плоштад се поставува
дополнително јавно осветлување. На четири метални столбови на висина од седум метри беа поставени пет ЛЕД светилки секоја со моќност од 100 вати. Се работи за светилки од најновата генерација кои имаат широк опсег на покривање со бела светлина. Дополнителното јавно осветлување има за цел да го осветли делот од плоштадот помеѓу зградата на општината и семафорите кај Домот на културата и тоа од страната на улицата „Илинденска“.

Од пред неколку дена започна и новогодишното украсување на градот со светлечки
украси во централното градско подрачје, односно градскиот плоштад и улиците „Илинденска“, „Тиквешко востание“ „Мито Хаџи-Василев “ и „7 Септември“, како и двата кружни тека кај автобуската станица и ОУ „Гоце Делчев“. Годинава за прв пат ќе биде новогодишно украсено и селото Ваташа каде се предвидува и поставување на новогодишна елка.

Дочекот на градскиот плоштад оваа година ќе биде исполнет со добра програма со
учество на кавадаречките бендови: „Акустико лајт“ и „М. А. D М8ts“ кои ќе бидат задолжени за одлична атмосфера за новогодишната ноќ. Исто така предвидена е поставување на новогодишна куќарка во која локален ресторан ќе нуди греано вино и ракија како и храна по симболични цени. По традиција на полноќ се најавува спектакуларен огномет. Од буџетот на општината за дочекот на новата година одвоени се 300.000 денари, додека новгодишното украсување ќе чини еден милион и 500.000 денари.

Последната седмица од 2018 година градоначалникот на општината Митко Јанчев на
учениците од сите општински основни училишта и на децата од градинките вклучувајќи ги тука и децата од загрозените семејства ќе подели 4000 новогодишни пакетчиња.

Ми.М.