Крива Паланка

Во Општина Крива Паланка за период од еден месец беше реализирано чистење на поголем дел од регулациите на Белевски Дол, дел во населбата Единство и дел од долот Нимулија. Исчистени се одводниот канал во населбата Бегови Бавчи, потоа одводниот канал покрај колективните станбени згради на улицата Херој Карпош и одводниот канал кај техничкиот сервис, а исчистени се и 23 улични сливници за атмосферска вода на повеќе улици во градот. Во оваа активност се собрани околу 70 кубни метри акумулиран материјал. Отстранети се и 55 кубни метри одрони и наносен материјал на неколку улици и локални патишта, а на неколку патни правци и улици е извршено кастрење на вегетацијата што го попречуваше нормалното одвивање на сообраќајот. На терен со механизација беше вклучено и ЈП „Комуналец“.
– Спроведено е чистење на девет локации, и тоа се уредени делот на Стара Вада, локалните патишта за манастирот „Св.Јоаким Осоговски“, околината на Спортско-рекреативниот центар, потоа регулациското корито на Крива Река, локациите околу „Радева воденица“, „Кадиска чешма“, зелената површина на зградите во населбата Бавчалк, како и околината на градскиот пазар и на градската автобуска станица. Од овие локации се собрани 35 кубни метри фрлен отпад – информираат од Општина Крива Паланка.

Оттаму нагласуваат дека сите овие активности се реализирани преку Програмата за јавни работи за 2020 г., финансиски поддржана од Агенцијата за вработување на Македонија и од Општина Крива Паланка.
– Програмата е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на трудот за 2020 година како мерка 6.2 Програма за работно ангажирање за вршење на јавни работи, финансирана од буџетот на Агенцијата за вработување на Македонија. Општина Крива Паланка е повеќегодишен корисник на оваа програма и во истата таа учествува со кофинансирање во износ од 20 отсто од дневниот надоместок предвиден за ангажираните лица. Во оваа 2020 година се ангажирани 12 невработени лица со ниски квалификации за вршење јавни работи – објаснуваат од локалната самоуправа на Крива Паланка.

Оттаму додаваат дека лицата се ангажирани за вршење јавни работи во три програмски области, и тоа: „Спроведување превентивни мерки за заштита од поплави“, „Подобрување на функционалноста на патната инфраструктура“ и „Чистење отпад од уредени и неуредени површини“.