При посетата на битолскиот регион, министерот за земјоделство Трајан Димковски, заедно со директорот на АФПРРЗ, Никола Бабовски, и со градоначалничката Наташа Петровска, посети и фарма во потпелистерското село Трново, од каде што беше посочено дека на државно ниво, на 3.213 одгледувачи на овци им се исплатени субвенции во висина од 607.000.000 денари.

Градоначалничката Петровска истакна дека, покрај ваквата поддршка што е добиена од страна на Владата, локалната самоуправа работи на подобрување на инфраструктурните услови.

– Токму во овој атар каде што се наоѓаме е подготвена проектна документација. Проектот за инфраструктурно уредување на патниот правец кон селото Дихово е завршен и апликацијата е дадена до Министерството за локална самоуправа, а за патот кон селата Трново и Магарево проектот е веќе изработен и се наоѓа на ревизија.

Ова само потврдува дека со ваква политика на локалната самоуправа, која оди кон унапредување на инфраструктурата што им е потребна на граѓаните, поткрепена со вакви мерки и субвенционирање за поддршка на нивните дејности, дефинитивно отвора перспективи за заживување и опстојување на руралните средини на овие простори – рече Петровска.

Од идниот месец ќе се исплаќаат субвенциите за свињи, кози и пчели, беше најавено од страна на министерот Димковски.