Најпрво беше реконструирано игралиштето, а сега се менуваат вратите и прозорците на објектот на урбаната заедница

Битола

Како што пред нешто повеќе од еден месец беше ветено, деновиве, веднаш по завршувањето на изборите, привршуваат инфраструктурните зафати во урбаната заедница Димитар Влахов, во месноста наречена Тепсија, во Битола.
Најпрво во оваа урбана заедница, со средства на Советот на Европа, преку програмата „Ромактед“, во износ од 540.776 денари, беше реконструирано игралиштето, на кое веќе неколку дена локалното население постојано спортува. Игралиштето е заградено со метална ограда и е опремено со кошеви за играње кошарка, а може да се игра и фудбал и ракомет.
Во моментов се работи на замена на сите врати и прозорци, односно на поставување нова дограма на урбаната заедница.

За да се уверат како одат реконструктивните зафати, деновиве оваа урбана заедница ја посетија градоначалничката на општината Битола, Наташа Петровска, и вработени во општинската администрација задолжени за координација на проектот, претставници од фондацијата „Преда плус“, невладината организација „Баирска светлина“ и претставници од урбаната заедница.
Од страна на жителите на оваа урбана заедница, градоначалничката Наташа Петровска беше запознаена со динамиката на изведба на градежните работи, кои во наредниот период, покрај дограмата, ќе опфатат и поправка на електричната инсталација, како и реконструирање на целиот простор во месната заедница.

Општина Битола и јавните комунални претпријатија „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“, во проектните активности за реконструкција на објектот ќе вложат над 450.000 денари, а ќе учествуваат и со механизација.
Реализацијата на реконструктивните зафати во урбаната заедница финансиски, со 402.405 денари, ја помага и швајцарската агенција за развој и соработка преку инфраструктурните активности што ги реализира „Преда плус“.