Општината Берово ќе гради улица во селото Мачево и ќе го поправа патот за селото Русиново. Веќе е објавена постапка за доделување договор за јавна набавка, за избор на изведувач, за изградба на улицата 3 во селото Мачево, а потпишан е договорот за санација на локалниот пат во селото Русиново. Од општината сметаат дека кон средината на март ќе започнат работите во Мачево. Градоначалникот Звонко Пекевски го потпишал и договорот за санација на локалниот пат во селото Русиново до Безгашчево, проект што ќе се реализира преку програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.

Покрај реконструкцијата на неколку приоритетни улици во Берово, во програмата за изградба, реконструкција и одржување локални патишта и улици во општината Берово за 2020 година се предвидени и улици во селските населби.

Со овој проект ќе се извршат чистење и тампонирање на постојната траса на земјениот пат и ќе се реконструираат каналите и пропустите за атмосферските води на локалниот пат од селото Русиново до Безгашчево. Можноста што ја нуди програмата за руралниот развој наменета за општините е со големо значење, пред сѐ во делот на обезбедување подобри услови за живот во руралните средини. За жителите е важно да имаат подобар пристап до земјоделското земјиште што го обработуваат, со нови локални патишта, побрзо да пристигнуваат до градовите, да имаат чиста вода за пиење.

адлежните сметаат дека овој пат е многу важен за локалното население, за пристапноста до земјоделските површини, при што на жителите од селото Русиново ќе им се намалат трошоците за транспорт, со што значително ќе се подобри квалитетот на руралното живеење.
Средствата во износ од еден милион денари, за оваа инвестиција, се обезбедени преку Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој, од мерката за подобрување на квалитетот за живот во руралните средини. Општината Берово ќе го кофинансира износот на ДДВ во вредност од 180.000 денари.

Општината Берово е една од 80-те општини што учествуваат во програмата, низ која ќе инвестираат 38 милиони евра во руралните средини.