Интензивно се гради модуларниот ковид-центар во Битола

Наспроти инфективното одделение на Клиничката болница во Битола, деновиве интензивно се работи на изградба на модуларниот ковид-центар. За да биде запазен рокот за изградба на ковид-центарот, градежните екипи од Струга буквално работеа „ударнички“ и за време на викендот, на поставувањето на бетонската подлога на модуларната болница.
Паралелно со поставувањето на бетонските подлоги на модуларните болници, деновиве интензивно се работеше и на инсталирање водоводна мрежа за ковид-центарот.
Модуларниот ковид-центар ќе има капацитет од 90 легла и треба да биде изграден за три недели. За изградба на ковид-центарот, Општина Битола издвои 40 илјади евра. Од Општина Битола велат дека ковид-центарот ќе се гради за да се прошират здравствените капацитети на инфективното одделение и Клиничката болница за прием и тријажа на ковид-пациентите.
Според проектот, ковид-центарот ќе се состои од три модуларни градби, од кои двете градби ќе содржат интегриран тријажен центар со стационар и една модуларна градба со независен тријажен центар. Капацитетот на ковид-центарот, кој ќе биде изграден на површина од 1.000 квадратни метри, ќе биде со капацитет од 90 кревети.

– Со изградбата на модуларниот ковид-центар ќе се добијат најсовремени услови за третман на пациентите, со сѐ што е потребно, вклучувајќи рендген и ехо-апарати, а здравствениот персонал ќе може уште подобро да ја извршува својата работа – велат од Клиничката болница.
Инаку, поради драстичното зголемување на позитивните од ковид-19 и бројот на починатите во Битола, за да се зголемат капацитетите за болничко сместување на позитивните од ковид-19 во Клиничката болница, деновиве во ковид-одделение е адаптирано и Одделението за физикална терапија. Во градот во моментов има 975 активни случаи.