Долгоочекуваниот инвестициски бум на кичевската дијаспора се очекува да се случи годинава, кога ќе бидат отворени повеќе погони и ќе почне изградбата и на нови стопански капацитети, што ќе придонесе за намалување на невработеноста и на иселувањето, пред се на младите од овој регион, што беше интензивирано последните неколку години.

– Нашите заложби да создадеме амбиент за инвестирање во нашата општина вродија со плод и, како резултат на тие поволности годинава очекуваме да се валоризираат неколку стопански капацитети, каде вработување ќе најдат поголем број невработени лица во општината – вели градоначаникот Дехари.

Тој очекува наскоро да започне изградбата и работата на неколку фабрики.

– Пролетва очекуваме да започне со работа фабрика за производство на пелети, да започне изградбата на фабрика за амбалажирање на вода и газирани сокови, а кичевското здравство ќе биде збогатено и со нова современа болница, приватна инвестиција на бизнисмен по потекло од овој регион. Исто така, очекуваме и изградба, поточно, проширување на живинарската фарма во село Премка. Овие инвестиции се надеваме дека ќе дадат полн придонес во намалување на невработеноста и на иселувањето, пред се на младите од овој регион, што беше тренд последните неколку години. Овие примери очекуваме да ги следат и други печалбари од нашиот регион, кои би дале огромен придонес во целокупниот развој на општината – додава првиот човек на кичевската администрација. З.А.