По многу бурна и жолчна дебата, советниците на Советот на Битола конечно го усвоија Правилникот за субвенционирање на домаќинствата за набавка и монтажа на инвертери, кои ги доделува Владата во заеднички проект со ЕСМ. Иако со усвојувањето на Правилникот се мислеше дека конечно ќе се разјаснат начините на кои ќе можат да се добијат инвертери, сепак дури сега на битолчани им е јасно дека ништо не им е јасно, ниту како ќе се субвенционираат клима-уредите, ниту пак кои граѓани ќе имаат можност да конкурираат за добивање субвенции. Според усвоениот правилник, финансиската состојба на граѓаните нема да биде пресуден фактор, туку распределбата на субвенциите за купување инвертери ќе биде според местоположбата каде што живеат и кои се најзагадени. Така, според изјавата на првиот човек на Советот на Битола, Валентин Груевски, први што ќе имаат можност да аплицираат за инвертери ќе бидат граѓаните што живеат во централното градско подрачје и населбите Карпош, Кланица, Мал Париз, Боримечка, Ушици, Горно Оризари, Стрелиште, Баир, Бадембалари, Камен мост, Јени Маале, Арнаут Маале, Маџар Маале.

Според Груевски, процедурата за добивање инвертери ќе биде многу едноставна, граѓаните треба да имаат лична карта со адреса на станот за кој конкурираат и да се јават на повикот што ќе биде објавен во следните неколку дена од страна на локалната самоуправа. Засега изостана одговорот на прашањето врз кои мерења и од страна на кое надлежно тело е утврдено дека токму овие делови на Битола се најзагадени. Ваквата мерка и распределба на клима-уредите за опозицијата не е ништо друго, туку класичен популизам во пресрет на претстојните предвремени парламентарни избори. Опозицијата смета дека расподелбата на клима-уредите (ќе биде) е направена без никакви нормативи, критериуми и крајно лаички, во контекст на претстојните избори бидејќи во првата фаза клима-уреди ќе добијат жители на Битола, кои живеат на локации каде што владејачката партија главно губи на изборите.

Иванчо Тошевски, координатор на советничката група на СДСМ, смета дека оваа мерка и начинот на распределбата на клима-уредите не е ништо друго туку класичен обид за поткуп на гласачите пред избори.

– Субвенционирањето на инвертерите беше најавено првпат во август 2019 година во Битола, сега сме февруари 2020 година и сега кажувате дека овие 160 милиони денари целосно ќе бидат искористени, а на комисијата од стручни лица на општината Битола беше кажано дека начинот на кој ќе се делат во 2020 година ќе стигне до процент на реализација меѓу 40 до 50 проценти. Со оваа мерка се обидувате да ги покриете сите промашувања со гасификација, топлификација и прочистителна станица, која требаше да почне да работи на први годинава – тврди Иванчо Тошевски.

На ваквите обвинувања на опозицијата возврати првиот човек на Советот на Битола, Валентин Груевски, кој тврди дека фактите говорат оти ВМРО-ДПМНЕ, дури беше 12 години на власт во Битола, за воздухот потроши само шест милиони денари, а сегашната власт само за годинава ќе обезбеди 160 милиони денари за клима инвертери.

– Дали некогаш во 12-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ издвоивте толку многу пари за заштита на животна средина и за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух? Не донесовте! Дали потрошивте некогаш толку пари сите години заедно за амбиенталниот воздух во Битола? Не! Ќе ве потсетам, за 12 години субвенциониравте печки на пелети во вредност од шест милиони денари и тоа е сѐ.

Ништо друго. Сега вложуваме 160 милиони денари за една година. Знаете колку години ќе ви беа потребни да бидете на власт да ги вложите овие со вашата динамика – 275 години, на секои 12 години по 100.000 евра, 275 години ќе ви беа потребни да бидете на власт и ќе ја стигневте оваа сума и сега зборувате дека 2,5 милиони евра не се доволни. Ова е рекордно вложување – нагласи Груевски. Според него, со распределбата на 2.500 клима-уреди, колку што ќе добие Битола со проектот на Владата и ЕСМ, во градот под Пелистер ќе бидат привремено или трајно згаснати 2.500 оџаци, кои зимава чадат од куќите, бидејќи граѓаните на Битола се затоплуваат со огревно дрво.

Иако битолчани со нетрпение ја чекаа одлуката за распределба на инвертерите, сега по донесувањето на правилникот голем број од нив буквално „оладија“, бидејќи наместо главен критериум да биде семејниот буџет, како што се мислеше, сега е одлучено да биде местото на живеење. Сите мерења во Битола покажуваат дека Битола е доста загадена на целата своја територија. Кога станува збор за субвенционирање на трошоците за купување на инвертери, Битола не може многу да се пофали, бидејќи има многу импровизации и политика. Така, при распределбата на средствата во висина од два милиони денари од страна на општината за купување на клима-уредите, најголемиот број битолчани уплатија за клима-уреди уште пред локалната самоуправа да ја соопшти одлуката за субвенционирање. Неколку часа пред соопштувањето на одлуката во архивата на локалната самоуправа околу 180 битолчани веќе доставија барања и фискални потврди дека купиле тој ден клима-уреди, што предизвика ревoлт кај битолчани, кои на тој повик извисија.