Повеќе од 1.000 Битолчани годинава аплицирале за финансиска помош од Општината. Максималниот износ на доделените средства е до 15.000 денари за поединец.
Според информациите од Комисијата за финансии и буџет, бројот на битолчани што бараат финансиска помош од Општина Битола од година на година се зголемува, така што, според некои анализи, моментно нивниот број изнесува над 1.000, но и оваа бројка не е конечна, бидејќи до архивата на Општината постојано пристигнуваат барања за финансиска помош.
Битолчани најчесто бараат помош за лекување, за плаќање сметки, за купување учебни помагала за децата, за огрев, за исклучена електрична енергија, за комуналии, а тоа што особено загрижува е што сѐ поголем е бројот на тие што бараат помош да се прехранат.

Инаку, Комисијата за финансии и буџет на Општина Битола на последната седница донесе одлука да им се додели финансиска помош на над сто граѓани. Сумата изнесува од 3.000 до 15.000 денари.
Парите се делат по програмата со која се предвидени вкупно 5,5 милиони за помош на ранливите категории граѓани. Инаку, Општина Битола во рамките на своите можности секоја година доделува ваква парична помош за социјално ранливата категорија граѓани. За Општина Битола тоа не е ништо ново, туку редовна практика со години.