Прилепските музичари со барања

Музичарите од Прилеп, по самоиницијативно остварениот работен состанок на кој разговарале за проблемите со кои се засегнати поради пандемијата, бараат протоколи за работа или најавуваат протести на Плетвар. Над 50 музичари потпишани во петиција, посочуваат дека цела година не работат и немаат право на егзистенција.

– Ние сме единствената гранка во општеството кое е дискриминирана и нема право да ги остварува своите работни обврски. Ние не бараме парична помош од државата, не сакаме да го оптеретуваме буџетот, ние бараме да се изготват протоколи и мерки за конечно да почнeме да музицираме. Како што се изготвија мерки за дискотеки, казина, кафулиња, ресторани итн., возможно е и музичарите да работат и да егзистираат. Апелираме до музичките здруженија каде и ние членуваме да се направи протокол за работа и да се достави до Владата на Република Македонија за што поскоро да започнеме со работа. Во спротивно масовно ќе излеземе на протести 24-часовно блокирајќи го превојот Плетвар – велат прилепските музичари. Ка.М.