„Светлина“ е тематската изложба од прилепската уметница Марта Макеска, што ќе биде отворена вечерва од 20 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.

На изложбата ќе бидат претставени монументални платна и минијатури, изработени во техниките акрил на платно и колаж. Културно-историските споменици, кои што го симболизираат опстанокот на градот Прилеп низ вековите: Градскиот Саат, Маркови Кули и Богородичниот Манастир во Трескавец, се насликани на монументалните платна. Експресивниот израз и робустните форми, дополнително ја зголемуваат импозантноста на архитектонските структури и нивниот симболизам. Автентичниот уметнички и креативен наратив, продолжува со претставите на селанки, односно млади девојки облечени во народна носија.

– Уметничкото творештво на уметницата Марта Макеска припаѓа на правецот симболичен експресионизам. Преку експресивниот уметнички израз, бојата преку својата чиста форма и силениот интензитет добива предност, на сметка на формата во композицијата. Тргнувајќи од разните симболи, како што се: културно-историските
споменици, кои што го симболизираат многувековниот опстанок на родниот град, крстот кој ја симболизра истрајноста на православната христијанска религија, колажните композиции со претставите на селанките и додадените елементи – везовите од традиционалната македонска народна носија, како и претставите со мотивот мајка со дете, како симбол на мајчината љубов, јасно одѕвонува првобитната замисла на уметникот. Желбата за опстанокот, истрајноста и трпеливоста, генерациското предавање на мудроста, претставуваат различни одлики со кои што се карактеризира мајчината љубов и нејзината заштитната улога, таа претставува ѕвезда водилка или зрак светлина која го осветлува патот низ темнината – вели Викторија Димеска, историчар на уметност за нејзиното творештво.

Марта Макеска дипломирала на ФЛУ во Скопје, во класата на проф. Рубенс Корубин. Реализирала самостојни и групни изложби и била учесник на ликовни колонии. Работи како професор по ликовно образование.

Ка.М.