КИЧЕВО

Покрај тековната работа на изработка на казани за варење ракија од сите големини, поправка на стари казани и калаисување бакарни тепсии, последниот кичевски казанџија Коста Галиманоски, прв и единствен со факултетска диплома во земјава во овој занает, својата иновативност ја покажува преку изработката на автентични бакарни штитови, шлемови, мечеви и амблеми, кои биле во употреба во средниот век и пред тоа и кои ќе бидат претставени на изложбата на почетокот од идниот месец.
– Покрај класичниот казанџиски занает, целта и е да ги покажам и својата инвентивност и иновативност. Пред десетина години прв во земјава почнав да изработувам казани со мал волумен што можат да се постават во кој било дел од домот, за затоплување на дестилатот да се користи плин и да се добие дестилат каков што вие сакате, коњак, вињак, виски. За ова свое остварување добив и посебна награда на белградскиот саем, како мајстор што создава изработки што дотогаш не беа понудени на поширокиот балкански простор – вели Галиманоски.

На изложбата ќе се претстави со неколку автентични изработки што ги користеле војниците пред повеќе векови и милениуми.
– За оваа изложба ќе подготвам шест бакарни штитови, четири шлемови, исто толку мечеви и поголем број амблеми што се актуелни и во денешно време, а ќе биде присутен и наградениот казан со мала литража. Сѐ што ќе претставам на оваа изложба, ќе биде автентично и е чисто моја идеја и креација. Очекувам љубителите на културните случувања во нашиот град да видат изложба што по ништо не личи на класичните изложби и со својата уникатност да го побуди вниманието и кај вљубениците во културата и на овој занает од сите градови во земјава – додава Галиманоски.