Битола доби два забавни детски парка, со заеднички влог на општината Битола, Пелагонискиот плански регион, Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој.
– Во Градскиот парк е изградено детско катче, проект за кој општината овозможи и изработи проектна и техничка документација, а Министерство за локална самоуправа и Швајцарската развојна агенција обезбедија финансиска поддршка од 4,6 милиони денари.
Со издвоените средства во Градскиот парк се изгради пријатно катче за сите деца, вклучувајќи ги и децата со посебни потреби.
Вториот проект, кој е реализиран, а кој денеска беше промовиран е во Националниот парк „Пелистер“, кај местото викано Голема Ливада, каде се изгради авантуристички детски парк за што се обезбедени два милиони денари, кој според зборовите на министерот за локална самоуправа Горан Милевски, ќе биде официјално пуштен викендов.


Директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, Гого Видимче, рече дека токму овој проект на Пелистер може да биде поттик за други инвестиции во Националниот парк.
– Со проектот на Пелистер се зголеми туристичката понудата во Националниот парк, можноста за дружба и игра на децата. Со самиот проект се имплементираа детски реквизити што ги задоволуваат сите безбедносни заштити и стандарди. Овај проект се надевам дека ќе биде еден поттик за понатамошни инвестиции во Национален парк. Исто така, денес сме тука и во детското катче за социјална инклузија, што произлезе преку низа форуми, се слушна гласот на граѓаните, а се импелментираше со поддршка на општина Битола, а средствата се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка – рече Гого Видимче, директорот на Центарот за развој на Пелагониксиот плански регион.
Градоначалничката Наташа Петровска, потенцираше дека благодарение на форумите со граѓаните и предлозите иницирани низ заеднички средби реализирани се конкретни проекти.
– Детскиот парк е резултата на Форумот на заедници, а проектот е поддржан од граѓаните. Токму поради тоа Општина Битола го промени и статутот на Општината во кој што форумите на заедници ги воведе нешто што како процедура треба да се почитува во сите останати проекти – рече градоначалничката Петровска.

М.М.