Во Делчево интензивно се работи на изградбата на пристапните рампи на првиот пешачки мост на реката Брегалница. Во согласност со проектот, пристапните рампи на пешачкиот мост се составени од пешачка рампа и скали изградени од бетон, а поплочени со ќерамички плочки. Пристапните рампи ќе добијат соодветно осветлување со канделабри.

Доколку дозволат временските услови, изведувачот на работите, фирмата „СД транс“ од селото Ѕвегор, работите треба да ги заврши најдоцна за два месеца. Вредноста на проектот изнесува 3,5 милиони денари, а средствата се обезбедени од буџетот на општината Делчево.
Со изградбата на пристапните рампи комплетно се заокружува инфраструктурниот проект „Збогатување на туристичката понуда со изградба на пешачки мост на реката Брегалница во Делчево“.

– Минатата година беше изграден пешачкиот мост на реката Брегалница, кој го поврзува стариот со новиот дел на градот, но претставува и украс на градот и е дел од туристичкиот пакет на Делчево. Исто така, минатата година заврши и изградбата на пристапната улица во должина од 120 метри, со која пешачкиот мост доби заокружена инфраструктурна целина – информираат од општината Делчево.