Вкупната должина на цевководот изнесува 10.094 метри, а рокот за изведба е осум месеци

Велес

Веќе се во тек градежните работи за изградба на нов водоснабдителен систем во населените места Раштани и Бузалково. Вкупната должина на цевководот изнесува 10.094 метри, износот за реализација е 30.090.909 денари (без вклучен ДДВ), додека, пак, рокот за изведба е осум месеци. Од Општина Велес соопштуваат дека за текот и динамиката на градежните работи на терен се информирале министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
– Овој проект го договаравме со градоначалникот Коцевски претходно и, на наше заемно задоволство, присутни сме на неговата реализација. Како Министерство, се заложивме и работиме на изградба на канализации и водоводи во места каде што за жал сè уште не постојат, а граѓаните и општините се снаоѓаат барем да обезбедат доволно услови за живеење. Впрочем, тоа е наша должност, на локалната и централната власт – вели министерот Горан Сугарески.

Наедно, тој истакнува дека комуналните услови во градот Велес значително се подобруваат, бидејќи во меѓувреме активно се работи на реконструкција на водоводи и канализации на 12 улици, и дека преку Министерството за транспорт и врски за Општина Велес се обезбедени 1,2 милион евра за санација и реконструкција на локални патишта и улици.
– Оваа значајна инвестиција е од витално значење, од која бенефиција ќе имаат околу 1.500 жители на населените места Раштани и Бузалково, а се реализира со средства добиени преку Министерството за транспорт и врски, односно преку проектот „Водоснабдување и одведување отпадни води“, преку Европската инвестициона банка – истакнува градоначалникот Аце Коцевски.