ОХРИД
Екипите на ЈП „Охридски комуналец“ продолжија со вонредните превентивни активности за дезинфекција на јавните површини на подрачјето на Општина Охрид. Во согласност со препораките за превенција од ширењето на коронавирусот ковид-19, со средство за дезинфекција беше извршено комплетно чистење на детските игралишта во населбата Видобишта, како и на улиците Сатеска, Пере Тошев, Крали Марко, булеварот Туристичка и населбите Христо Узунов, Гоце Делчев и Расадник. Дезинфекција беше извршена и во Холандскиот парк, патеката кон Парк, како и на отворените фитнес-зони и скејт-паркот.
– Во рамките на акцијата за дезинфекција беа опфатени и јавните површини во комплексот на објектите на ЈЗУ „Здравствен дом“ – Охрид, потоа јавните површини во комплексот на станбени згради во населбата Расадник. Исто така дезинфицирани беа јавните површини што ги користат ЈП „Водовод“, ЈП „Нискоградба“, ЈП „Градски гробишта“ и ЈП „Билјанини извори“ – информираат од Општина Охрид.
Оттаму велат дека има најава од претпријатието дека се спроведени и активности за дезинфекција на јавните површини во селата Косел, Сирула, Ливоишта и Куратица.
Некои од екипите на претпријатието со соодветна механизација ќе бидат ангажирани и за помош на акцијата за дезинфекција на подрачјето на Општина Дебрца.

КРУШЕВО
Во Општина Крушево се изврши дезинфекција на неколку институции. Заводот за јавно здравје од Прилеп врши дезинфекција на средното општинско училиште „Наум Наумовски-Борче“, потоа на општинското основно училиште „Никола Карев“ и на ЈОУГД „Гонча Туфа“, како и на Фондот за здравство и на Агенцијата за вработување и локална самоуправа.
– Со оваа активност продолжува процесот на преземање мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, а претходно се чистеше центарот на градот. Црвениот крст објави повик за волонтери што ќе помагаат во набавка на неопходни производи за стари и снеможени лица, а градоначалникот ги откажа отворените денови. Исто така, пазарот престанува со работа, а скратено е работното време во локалната и други државни институции. Општината отвори телефонски линии за помош на старите лица, но и за итни потреби на сите граѓани. Народната кујна ќе ја доставува храната до домовите на примателите. Општината презеде и низа други мерки – информираат од Крушево.